Комерцијална банка прва во земјава воведува тактилни платежни картички, олеснет пристап до финансиите и за лицата со оштетен вид

Платежна картичка / терминал

Тактилните платежни картички се разликуваат од постојните по својот облик, имаат посебни засеци и тоа заоблени и ова е чекор плус кон доближување на банкарските производи до овие граѓани

Почната е замената на обичните платежни дебитни и кредитни картички со тактилни, кои за првпат во земјава ги воведува Комерцијална банка. Овие картички, пред сè треба да им помогнат на слепите лица и на лицата со оштетен вид полесно да ги идентификуваат, тие се побезбедни и што е најважно тие до крајот на годината ќе може бесплатно да ги заменат. Иако главно се наменети за лицата со оштетен вид, ваквите картички како што им истекува рокот ќе ги добијат и останатите клиенти на Банката. Промената поради големиот број на дебитни и кредитни картички што се во оптек, ќе трае една до една и пол година, велат од КБ.

– Тактилните платежни картички се разликуваат од постојните по својот облик, имаат посебни засеци и тоа заоблени и ова е чекор плус кон доближување на банкарските производи до овие граѓани – изјави Никола Џамбазовски, главен директор за продажба и развој и член на УО на КБ.

Тактилните картички се континуитет на досегашните приспособувања што ги обезбеди КБ за поголема финансиска инклузивност и достапност до банкарските производи и за слепите и слабовидните лица.

– Банката прифаќа факсимил како своерачен потпис, ја има адаптирано електронската банка за слепите лица, а дозволува и нашите вработени да бидат сведоци за банкарски трансакции на слепи лица. Исто така, банката има реализирано и обуки за информирање на слепите лица за придобивките од електронското банкарство, работењето со тековна сметка и отворање сеф, сè со цел оваа категорија клиенти да стигнат до сè што им е потребно до нивните лични финансии – додаде Џамбазовски.

Претседателот на Националниот сојуз на слепи Жарко Селковски порача дека воведувањето тактилни картички е значаен чекор за користење на банкарските услуги за лицата со оштетен вид.

– Веруваме дека реализацијата на ваквите иницијативи не само што ќе подигне степенот на свесност за потребите на лицата со оштетен вид, туку и ќе ги инспирира и другите компании да го следат ваквиот пример и да се вклучат во создавањето поинклузивно општество – рече Селковски. Тој претстави и како функционира мобилната апликација на македонски јазик, која ги дава сите потребни информации за финансиската состојба на лицата со оштетен вид. Воедно, Селковски се заложи и за поставување говорни банкомати што би можеле да ги користат лицата на кои им е останат барем дел од видот, онака како што тоа функционира во повеќе западни земји.

И слепите лица чекаат за термин за нови документи

Прашан дали имаат некаков попуст при закажувањето термин за сликање за нов пасош или лична карта, Селковски за „Слободен печат“ одговори дека и тие како и другите граѓани во земјава се мачат да закажат во МВР.

– Немаме некаков посебен бенефит, а за закажување ни помагаат членови на семејството, роднини, пријатели или соседи – рече Селковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот