КОМЕНТАР. Може ли да го изговорите гласно делот од женското тело од кој потекнува светот?

А вие, со кои зборови го заменувате зборот вагина? Колку е долг вашиот список на синоними? И, најпосле, зошто? Дали тие синонимчиња, обично искажани во деминутив, подобро и поцелосно го објаснуваат зборот вагина кој убаво ја опишува целата „таа“ (вагинална) област и сите нејзини делови?!

Ниту еден збор не е еднаков на ниту еден концепт. Истото важи и за зборовите поврзани со сексуалноста. Изгледа речиси неверојатно, но во нашето напредно, хиперповрзано општество, каде со еден клик може да стасате до билокоја порнографска фотографија или видео, сè уште постои цензура на женската сексуалност, а таа цензура минува и низ зборот кој, од навика, или поради самоцензура, го нарекуваме женски полов орган. Наместо, вагина.

Глумицата Гвинет Палтроу, во текот на минатиот месец, предизвика лавина коментари поради свеќата која ја лансираше во продажба преку нејзината велнес платформа Goop. Палтроу нè запозна со концептот вагинална пареа, а за нејзината вагинална свеќа која „мириса на мојата вагина“, по распродажбата во само 18 часа, сега се чека на листа на чекање. Цената ѝ е 75 долари, но „под тезга“- преку оние кои веќе ја купиле – може да ја прекупите за 400 долари. За распродажбата може да го обвините и Елтон Џон, кој купил тон од вагиналните свеќи, зашто „едноставно ги обожавам!“. Производот со екстравагантно име е опишан како „смешна, згодна, секси и неочекувано убава миризба“ кој има цел „да нè натера на фантазија, заведување и софистицирана топлина“.

Многумина, па дури и некои феминистки, ја обвинија Палтроу дека од својата вагина направила силен бизнис. Нејзината платформа сега тежи 250 милиони долари. Следуваа и критики кои ја истакнуваа вулгарноста на креацијата и лошиот вкус на глумицата. Ајде, ви се молам, од кога префинетата Палтроу, има лош вкус?! И што има лошо во зборот вагина? Зошто сè уште овој збор се шепоти или воопшто не се изговара? Кога сакаме да избришеме нешто, да го исклучиме, минимизираме, да го направиме невидливо, обично започнуваме со тоа што не го спомнуваме. Едноставно, повеќе не се споменува. Луѓето престануваат да слушаат за тоа, повеќе не го наоѓаат во весниците, и полека се случува да го заборават неговото постоење. Палтроу пак, само го изговори гласно зборот вагина, за да нè ослободи од срамот и да нè потсети дека вагината е дел од нас, од нашето тело.

„Кога – не пред 2.400 година – би биле изградени споменици на феминистичката револуција, статуата на Гвинет Палтроу може да биде поставена во револуционерната зона, на безбедно растојание од Роза Луксембург, но близу до Бијонсе. За исклучителни заслуги: во деновите кога претседателот на Соединетите држави зборуваше на митинг против абортусот, додека мизогинистичките партии напредуваат низ цела Европа, додека во Италија се водеше, како и секогаш во јануари, дискусија за згодните водителки на Сан Ремо, Палтроу ја понуди на продажба миризбата на нејзината вагина и, ја пренасочи, за момент, глобалната дебата“, вака, новинарката Марија Родота, застана во одбрана на Палтроу.

Но, ова не е првпат глумицата гласно да го изговори зборот вагина. Во 2018 година, на часовите на Бизнис школата „Харвард“, таа се уверила дека кога станува збор за зборот вагина „се создава културна бура“, па за да го разјасни концептот извикала на мегафон „Вагина! Вагина!“. Истиот збор – вагина- и тоа 128 пати, го извика, односно напиша, во 1996 година, американската писателка, драматург и феминистка, Ив Енслер, во своето дело „Вагинални монозоли“ (претставата се играше и кај нас, во режија на Нела Витошевиќ, а глумеа Весна Петрушевска, Ирена Ристиќ и Тања Кочовска).

„Вагина не е порнографски збор; поточно, тоа е медицински термин, збор што служи за означување на дел од телото, исто како што се лактот, раката или реброто“, пишува Енслер, потсетувајќи дека нема ништо порнографско во зборот вагина. И продолжува:

– Нема да биде порнографско, ми рекоа тие, но валкано е. И ако нашите мали девојчиња го слушнат, што ќе им кажеме?

– Може да ѝм кажете дека имаат вагина. Ако веќе не знаат. Можеби можете да го прославите откритието.

– Но, нивната вагина не ја нарекуваме „вагина“.

– Како ја нарекувате?

Според Енслер, самоспознавањето на жените и градењето на самодоверба е длабоко поврзано со нивната сексуалност. Од друга страна пак, неизговорањето на зборот вагина, создава од зборот „тајна“, а тајните создаваат срам, страв и митови. Оттука, произлеува и незнаењето и срамот за теми како што се полот, силувањето, задоволството, менструацијата, односно, оние теми што „тајно“ продолжуваат да бидат дел од животот на жените.

А вие, со кои зборови го заменувате зборот вагина? Колку е долг вашиот список на синоними? Мачето, златната, долната, шумичката, шутчето, путчето…? И, најпосле, зошто? Дали тие синонимчиња, обично искажани во деминутив, подобро и поцелосно го објаснуваат зборот вагина кој убаво ја опишува целата „таа“ (вагинална) област и сите нејзини делови?!

Но, Гвинет Палтроу, и покрај критиките од, нели, „современите и освестените во 21от век“, не застана на вагиналната свеќа. Додека се чека новата залиха на свеќи, таа во продажба пушти маички со натпис „Тоа е само вагина“. Повторно го користи оружјето на иронијата – прво, мајтапејќи се со оние кои ја критикуваа, да им дообјасни дека навистина ТОА е само вагина од која не треба да се плашат ниту срамат, а второ – и поважно – за да донесе нов степен на свесност и, пред сè, да ја потсети секоја жена дека самоприфаќањето подеднакво поминува низ прифаќање и славење на телото со сите негови делови. Со особен акцент на делот од кој потекнува светот – вагината.

Минималистичките маички, бели со црна порака, се продаваат по цена од 60 евра. Ако ви изгледа превисока цената, пред да ја обвините глумицата за злоупотреба на вагината во бизнис цели, земете предвид дека проектот е создаден со добра причина: сите приходи од продажбата одат за помош на Австралија која се соочува со безброј штети како резултат на неодамнешните шумски пожари во кои се забележани 25 жртви и смрт на над 1 милијарда животни.

Инаку, во овој текст зборот вагина е изговорен, односно, напишан, 30 пати (без оваа вагина во оваа реченица и вагината во реченицата која следува). Ако сте стигнале до крајот на написот, значи, и вие сте го изговориле, односно, прочитале зборот вагина, сега веќе 33 пати. И, страшно ли беше?!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!