
Комеморација за Македонците-цивили киднапирани и убиени во Непроштено во 2001 година
Во тетовското село Непроштено денеска се одржа комеморативен настан посветена на киднапираните и убиени Македонци, жители на селото во 2001 година. Се одбележа годишнина од свирепото убиство на Стојан Михајловски, како и од исчезнувањето на Крсто Гоговски, Цветко Михајловски и Васко Михајловски, кои се меѓу 12-темина Македонци кои беа киднапирани од паравоената Ослободителна народна армија (ОНА) под водство на Али Ахмети во воениот конфликт во 2001 година.
Препорачано
Настанот се одржа во спомен-паркот во центарот на Непроштено изграден во сеќавање на киднапираните и убиени Македонци, а почна со помен-парастос кој го одржаа двајца свештеници од тетовското намесништво.
Пред спомен-обележјето посветено на четворицата жители на Непроштено потоа нивните семејства положија цвеќе, а почит им оддадоа повеќе делегации од Армијата, СВР Тетово, политички партии, како и граѓански здруженија.
Од иницијативниот одбор за одбележување на годишнината беше прочитан пригоден говор во кој беше посочено дека овие четири жртви никогаш нема да се заборават.
-Во ова свето македонско село во нашето Непроштено никогаш нема да биде простено тоа што им се случи на Крсто, на Цветко, на Васко и на Стојан. Крсто Гоговски, кој целиот свој живот го посвети на најсветото дело, образованието, киднапиран од сопствениот дом без вина. Цветко Михајловски чесен работник, сопруг, татко и дедо, додека ги извршуваше секојдневните работи на нива беше киднапиран. Васко Михајловски, човекот кој на денот на својата свадба требаше да започне нов живот, но беше однесен и никогаш повеќе не се врати. Стојан Михајловски, работник, семеен човек, ѕверски убиен, заклан и оставен на полјаните, но неговата душа и денес лебди над нас како сведоштво за правдата што мора да ја бараме. Овие луѓе не беа војници, не држеа оружје, не повредија никого – беа цивили, обични граѓани кои станаа жртви само затоа што беа Македонци, беше речено во говорот.
,