Илустрација за инфаркт / Фото: Profimedia

Комбинација на два евтини лека по инфаркт може да спаси илјадници животи

Илјадници срцеви удари или мозочни удари може да се спречат и животи да се спасат со комбинација на два евтини лека, покажува ново истражување, пишува „Гардијан“.

Кардиоваскуларните болести се една од најчестите причини за смрт во светот, а срцевите удари се најчестиот акутен облик. За оние што ќе преживеат инфаркт, ризикот од нов удар е најголем во првата година по настанот, бидејќи крвните садови се почувствителни и полесно доаѓа до создавање на тромби и блокади.

Истражувачи од Кралскиот колеџ во Лондон и Универзитетот Лунд во Шведска откриле дека кај пациентите кои преживеале инфаркт, комбинацијата од два лека, статин и езетимиб, го намалува ризикот од втор срцев или мозочен удар.

„Истражувањето покажува дека можеме да спасиме животи и дополнително да го намалиме ризикот од срцеви удари со давање на овие два евтини лека заедно“, вели професорот Каусик Реј од Кралската школа за јавно здравје.

За жал, моментално пациентите ширум светот не ги добиваат овие лекови заедно, што доведува до непотребни последици кои би можеле да се избегнат.

„Нашето истражување покажува јасен правец. Терапиите мора да се променат за доброто на пациентите“, нагласува Реј.

Експертите ги анализирале пациентите на кои им била давана комбинацијата од овие два лека во првите 12 недели по срцев удар, потоа оние кои почнале со езетимиб од 13. недела до 16 месеци, и пациенти кои примале само статин без езетимиб.

Податоците од 36.000 пациенти во Шведска кои преживеале срцев удар помеѓу 2015 и 2022 година покажале дека оние кои примале статин заедно со езетимиб во првите 12 недели по ударот го намалиле холестеролот до целното ниво и имале подобра прогноза со помал ризик од нов кардиоваскуларен настан.

„Нашите наоди покажуваат дека едноставна промена во третманот може да има огромно влијание врз пациентите. Езетимиб е лесно достапен и евтин лек“, додава Реј.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот