Завод за вработување / Фото - Слободен печат / Методи Здравев
Завод за вработување / Фото - Слободен печат / Методи Здравев

Колку и да нема работници, пак имаме поголема невработеност од регионот

Стапите на невработеност во Хрватска и во Словенија се речиси трипати помали отколку кај нас, а интересот на нашите сограѓани да работат во овие земји е голем

Со стапка од невработеност од 11,7 проценти во првиот квартал од годинава, сè уште имаме поголема невработеност од земјите во регионот. Таа во Србија е 9,1 проценти, а во Албанија е 8,7 проценти. Со овие земји како дел од Отворен Балкан имаме можност и за пристап на Единствениот пазар на труд. Но, овој проект за слободна мобилност на пазарот на труд меѓу трите земји предизвика речиси незначителен интерес. Она што сè уште привлекува голем број наши сограѓани е сезонска работа на море, која всушност значи ангажман од половина година. Стапката на невработеност во Хрватска е едвај 4,1 процент, што значи дека оваа земја и понатаму ќе праќа отворени покани за работа. Во изминатава година бевме сведоци и на саемите за вработување што во Македонија ги организираше Словенија, а таму невработеноста е само 4 проценти. Евростат, пак, објави дека стапката на невработеност во ЕУ е 5,9 проценти во април.

За тоа каква е состојбата со невработените сведочат и податоците од националните агенции за вработување. Во македонската Агенција за вработување се евидентирани 94.371 активни баратели на работа и уште 44.457 невработени, или вкупно 138.828 невработени. Во хрватскиот Завод за вработување се евидентирани 70.000 невработени, а во моментов има 20.295 слободни работни места, додека во мај имало вкупно 107.840 понуди за работа! Словенечкиот завод за статистика објави дека просекот на невработени во оваа земја лани бил само 38.000.

Но, за разлика од порано кога миграцијата на работната сила се случувала поради тоа што не можело да се најде работа, сега мигрираат вработените во потрага по подобри услови за живот. Има и такви што одат на сезонска работа, за да потоа преостанатите месеци живеат од заработеното во сезоната. Си заминуваат и идните студенти, кои место кај нас завршуваат факултет во странство и таму остануваат да работат.

Според Синдикатот, за да нема одлив на наши работници, што и онака ги немаме, треба да делуваат и работодавачите и Владата.

– Кај нас се одбива да се разговара за минимална плата од 500 евра. Дури и со таква минимална плата би биле најевтино платени во регионот. Владата во Србија најави дека од јануари наредната година ќе ја зголеми минималната плата на 550 или 600 евра, во Црна Гора има две категории на минимална плата од 600 и од 800 евра, во Босна и Херцеговина е 600 евра – вели Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на Синдикати на Македонија.

Тој вели дека одливот на работници одлично се манифестира преку намалениот број ученици и порачува дека со оглед на стареењето на населението за 20 години нема да има кој да работи.

– Треба да се симнат розовите очила и да се согледаат фактите – дециден е претседателот на ССМ.

Во прилог на миграциите од рака не ни одат ниту регионалните податоци за просечната плата. Во Македонија, според последните податоци, просечната нето-плата во април изнесувала 45.452 денари. Во Србија таа била 109.272 динари, или 57.343 денари, во Хрватска изнесува 1.439 евра или 88.489 денари, во Словенија 1.600 евра, односно претворено во наши пари, тоа е 98.400 денари.

Сепак, има разлика во трошоците меѓу Словенија и Македонија. Но, како што велат упатените, не е проблем во однос на цените на храната, колку во однос на сместувањето. Тоа не ги спречува младите да ја гледаат својата перспектива уште од студентски денови. А, тогаш приказната е поинаква. Тие од образование се вклопуваат во тој систем. Во Словенија во академската 2023/2024 година се запишале 1.697 македонски државјани.

Стопанствениците во Македонија постојано апелираат за недостигот на работна сила. Но, и понатаму Синдикатот апелира дека се исплатуваат делови од плата на рака, дека законите не ги заштитуваат работниците, а и дека и услови за работа се далеку од оние во европските центри.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот