
Колку чини целосно реновирање на стан?
Иако не постои универзален одговор, едно е сигурно: реновирањето на стар стан бара сериозен буџет и добро планирање. Колку чини груба проценка за целосно адаптирање на трособен стан од 80 квадратни метри?
Препорачано
Во повеќето постари станови, задолжително е да се заменат електричните, водоводните и канализациските инсталации. Подовите и керамиката речиси секогаш се менуваат, а надворешната столарија се заменува со нови, енергетски поефикасни прозорци. Врз основа на овие претпоставки, Каматица подготви преглед на трошоците на пазарот.
Вкупната проценка покажува дека целосно реновирање на стан од 80 м² може да чини околу 30.000 евра, што е приближно 450 евра по квадратен метар. Оваа цена ги вклучува сите клучни фази од работите, од рушење до финално уредување, пишува Gradnja.rs.
Еве детална распределба на трошоците по категории:
Рушење: Рушење на преградни ѕидови, отстранување на стари подови, керамика и санитарија и отстранување на шут чини околу 1.900 евра.
Ѕидарски работи: Изградбата на нови преградни ѕидови, спуштањето на таванот и изградбата на каскади изнесува околу 2.500 евра.
Електрични инсталации: Инсталирањето на нова инсталација, купувањето осветлување, прекинувачи и приклучоци, како и инсталацијата, чини околу 3.000 евра.
Водовод и канализација: Замена на инсталации во кујната и бањата, инсталација на санитарија и купување опрема од средна класа изнесува приближно 3.000 евра.
Греење и климатизација: Трошоците за реновирање на радијаторите, фарбање и замена на вентилите и инсталирање на клима уреди се околу 1.400 евра.
Керамички работи: Хидроизолацијата, поставувањето на подна и ѕидна керамика со купување на материјали од средна цена, изнесуваат околу 3.000 евра.
Рамнење на под, лепење и набавка на паркет и поставување на лајсни чинат околу 3.500 евра.
Молеро-фарбарски работи: крпење дупки, малтерисување на ѕидовите и таванот чинат околу 3.600 евра.
Столарија: Замената на надворешната и внатрешната столарија, како и поставувањето на сигурносни врати, чинат околу 5.000 евра.
Други работи и непредвидени трошоци: Подготвителните работи, заштитата на просторот, како и непредвидените трошоци (околу 5% од вкупната цена), изнесуваат околу 1.300 и 2.000 евра.
Проект и надзор: Ангажирањето на дизајнер на ентериер за креирање на проект и надзор на работата чини околу 4.000 евра.
Вкупната цена ги вклучува сите споменати работи и материјали, вклучувајќи керамика, осветлување и санитарија. Сепак, оваа цена може да биде пониска ако се одлучите за поевтина опрема или дел од работата сами ја извршите. Треба да се има предвид дека трошоците може да варираат во зависност од градот и изборот на мајстор.
По завршувањето на реновирањето, следува опремување, што е посебен трошок. Сепак, сега имате јасен поглед на тоа што ве очекува и полесно можете да донесете одлука за купување или реновирање на стан.