Фото: Pexels

Колку често треба да се мијат чиниите за храна и вода на кучињата?

Ако сте одговорен сопственик, веројатно се трудите водата на вашиот миленик да биде свежа и заменета два-три пати дневно, особено во летниот период. Но, колку често ја миете чинијата од која кучето јаде и пие? Дали само ја исплакнувате или навистина ја миете со детергент и топла вода?

Истражување на Државниот универзитет во Северна Каролина покажа дека само половина од сопствениците редовно ја одржуваат хигиената на чиниите за своите миленици, а само 13 проценти секојдневно ја мијат мерицата за храна. Студија од 2023 година утврдила дека само 37 проценти од сопствениците ги мијат чиниите по секое хранење, додека 16 проценти тоа го прават само еднаш неделно, пишува „Љубимци“.

Чиниите за миленици се вистинско легло на бактерии и калапи. Tие се меѓу највалканите предмети во домот, веднаш по кујнскиот сунѓер, мијалникот и држачот за четкици за заби. Најчесто се пронајдени бактерии како Ешерихија коли, салмонела и мувли кои можат да предизвикаат сериозни заболувања. Влажната храна дополнително го влошува проблемот, бидејќи побрзо се расипува и се лепи за ѕидовите на чинијата. Дури и чиниите за вода создаваат „биофилм“ – слузав слој кој е полн со микроби.

Кучињата кои јадат и пијат од валкани чинии може да развијат различни проблеми – од благи дигестивни тегоби и иритации на кожата, до тешки труења со бактерии. Постојаната нечистотија може да биде опасна и за луѓето – доколку бактериите се пренесат во кујната, и сопствениците можат да се разболат.

Чиниите за храна треба да се мијат со детергент и топла вода најмалку еднаш дневно, а најдобро по секој оброк, исто како што и луѓето не оставаат валкани садови со часови. За водата исто така е неопходно редовно и темелно миење на садот, а не само брзо плакнење.

Најдобро е чиниите да се перат во машина за садови на висока температура. Ако тоа не е можно, тогаш рачно – со топла вода и благ, безбеден детергент за миленици. По миењето задолжително треба да се исушат. Чиниите од нерѓосувачки челик или керамика се препорачуваат повеќе од пластичните, кои полесно задржуваат бактерии.

Дополнителни совети:

  • Перете ги чиниите со посебен сунѓер или четка, не со оној што го користите за вашите садови.
  • Дезинфицирајте ги барем еднаш неделно.
  • Перете ги рацете пред и по хранењето на миленикот.
  • Никогаш не додавајте нова храна врз стара – прво исчистете и наполнете повторно.
  • Не заборавајте и на подлогата под чиниите, таа исто така треба секојдневно да се избрише.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот