
Колите на министрите нема да имаат црвени таблички, а во Правилникот нема казни за институциите кои нема да ги сменат
Директорот на владината Служба за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, кој ја турка целата постапка за брендирани таблички на државните коли, во интервју за „360 степени“ вели дека министрите ќе бидат изземени од обврската за обележување на табличките во црвена боја, затоа што така советувале Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и полицијата.
Препорачано
Томовски вели дека се размислува исклучени да бидат и возилата на УЈП и Државниот пазарен инспекторат.
На забелешката дека на тој начин се амнестираат од потенцијални злоупотреби највисоките функционери, но и дека недостатокот на строги казни ја става под прашање целата идеја за воведувањето на табличките, тој одговара дека „почнува од мртва точка“ и дека не очекува сите злоупотреби на службени возила да се решат преку ноќ.
„Правилникот не предвидува никакви казни, тоа морам да го кажам однапред, но ќе дојде моментот на регистрација. Тогаш не може да се одбегне. Затоа неколку пати им препорачувам во јавност дека треба да ја почитуваат препораката на Владата, да си поднесат барање до меродавните институции, оние институции коишто треба да ја направат промената и да ги променат возилата. Еве, рокот им завршува во понеделник, тоа можат да го направат“, вели Томовски.
„Владините возила, односно оние возила коишто ги возат министрите, не се обележани поради безбедносни причини коишто ни се укажувани од страна на Агенцијата за национална безбедност и Министерството за за внатрешни работи и ќе видиме дали во правилникот ќе бидат тие обележани или не во иднина. Но сепак се работи за 45 возила коишто практично ги знаат сите во државата“, додава тој.