Претставување на монографијата „Македонска поетика и стилистика“ во Сорбона

Колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ е претставена на Меѓународниот славистички конгрес во Париз

Меѓу најзначајните изданија од областа на славистиката, на Меѓународниот славистички конгрес што деновиве се одржува на Универзитетот во Сорбона, во Париз, Франција е и колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ – првата национална монографија посветена на поетиката и стилистиката во јужнословенските земји, во издание на Комисијата за стилистика на Меѓународниот славистички комитет и Институтот за славистика на Универзитетот „Карл Франц“ во Грац, Австрија.

Несомнено, оваа колективна монографија е најзначајната монографска објава за македонската книжевност во последниве децении и воопшто прва публикација за македонската книжевност објавена од толку меѓународно реномирани и високо рангирани издавачи.

Проф. д-р Бранко Тошовиќ од Универзитетот во Грац и проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како дел од авторскиот тим на ова дело и како учесници на Конгресот искажаа задоволство што ова дело по завршувањето на овој голем научен славистички настан ќе стане дел од големата библиотека на Универзитетот во Сорбона.

Колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ е капитално научно издание од доменот на хуманистиката, коешто е резултат на долгогодишна работа, односно долгогодишни остварувања (истражувања, проучувања) на неколкумина научници – членови на Комисијата за стилистика при Меѓународниот славистички комитет и е прво издание од ваков вид во и за македонската литература.

– Mонографијата е објавена како трета книга од серијата „Словенска стилистика“. Првиот и до овој момент единствен авторски тим меѓу авторските тимови од сите јужнословенски земји што успеа да го заврши овој потфат е македонскиот, со што изданието стана првата национална монографија посветена на поетиката и стилистиката во јужнословенските земји. И тоа токму во годината кога чествуваме осум децении од кодификацијата на македонскиот јазик. Поаѓајќи од тоа дека книжевноста е конкретното остварување на јазикот, годинава, не можеше да ни се случи подостоинствена и од научна перспектива попрестижна афирмација на македонската реч на меѓународен план – истакнуваат македонските автори на монографијата.

Автори на монографијата се научните истражувачи од Институтот за македонска литература: Славчо Ковилоски, Марина Цветаноска, Билјана Рајчинова-Николова, Славица Петровска-Ѓорѓевска и Ема Лакинска, професорите од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“: Весна Мојсова-Чепишевска, Иван Антоновски и Трајче Стамески, како и Бранко Тошовиќ од Универзитетот во Грац. Изданието е во редакција на Бранко Тошовиќ и Славчо Ковилоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот