
Колегите се простуваат од Халид Бешлиќ: „Престана да чука музичкото срце на Босна“
Легендарниот пејач Халид Бешлиќ почина на 71-годишна возраст по кратка и тешка борба со болест. Веста за неговата смрт ја потресе целата јавност во регионот, бидејќи зад себе остави повеќе од четири децении музика, безвременски хитови и генерации што растеа со неговите песни.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Од утрово, на социјалните мрежи се редат емотивни пораки и спомени од неговите колеги, пријатели и обожаватели.
Актерот Енис Бешлагиќ, кој важеше за еден од неговите најблиски пријатели, напиша: „Отиде нашиот Халид. Кој ќе ја пополни празнината со твојата добрина, искреност и човечност што ја живееше со секој здив… Босански кралу, кого сите те нарекувавме наш. Твојот спомен е длабоко врежан во нашите срца. Секоја твоја нота човечност ќе одѕвонува во овие заплакани срца засекогаш“.

Пејачот Марко Кутлиќ истакна дека „од Драва до Вардар нема веселба без песна на Халид Бешлиќ“, додавајќи дека е благодарен што имал чест да застане со него на иста сцена.
Индира Левак, која соработуваше со Халид, со потресна порака се обрати до својот пријател: „Длабоко ме потресе веста! Не можам да поверувам, срцето ми се стегна, а солзите сами течат. Се надевам дека ангелите ќе ја поведат твојата добра душа во небесниот рај, каде што еден ден повторно ќе се сретнеме и ќе ја запееме нашата омилена песна“.
Од него се прости и неговиот долгогодишен пријател и колега Дино Мерлин, кој напиша дека се простил во дождлива, октомвриска сараевска ноќ, пејќи му тивко песна: „Како да се во миг благо насмевна. Патувај, бела птицо, ти имаш со што пред Господа“. Токму оваа пролет двајцата музичари објавија заедничка песна „Годино врела“, која се најде на последниот албум на Мерлин.

Емотивна порака објави и Марија Шерифовиќ, која на својот профил напиша: „Престана да чука музичкото срце на Босна и Херцеговина. Халиде, нека ти е вечна слава и благодарност за секоја скршена чаша и пуштена солза“. Во позадина на нејзината објава свиреше неговата песна „Ја без тебе не могу да живим“.
Драгана Мирковиќ потсети дека нивната последна средба во Сараево, пред само една недела, била последна во животот.
„Никогаш нема да го заборавам нашето пријателство и сите убави моменти. Ти беше човек достоен за љубов, почит и сеќавање“, напиша таа.
Последните недели од животот, Халид Бешлиќ ги помина во Клиничкиот центар во Сараево, на одделот за бубрежни болести, а потоа беше префрлен на онкологија поради проблеми со црниот дроб. Иако неговиот менаџер изјави дека состојбата му се подобрува и дека постоела надеж дека ќе се врати дома, болеста ненадејно се влошила. Неколку недели пред смртта, Бешлиќ објави песна посветена на својата сопруга Сејда, жената што ја нарекуваше „најголема потпора и љубов во животот“.
Зад себе остави огромно музичко наследство и песни што ќе се пеат уште долго: „Миљацка“, „Ја без тебе не могу да живим“, „Хеј зоро, не свани“, „Први пољубац“, „Нечу нечу дијаманте“, „Врачам се мајци у Босну“ и многу други.