
Колажната инсталација „Сенки“ на Стојан Павлески е поставена во „МЦ Галерија“ во Њујорк
Во галеријата на Македонскиот културен центар во Њујорк од 17 до 27 јуни ќе биде поставена изложбата „Сенки“ (2025) на уметникот Стојан Павлески.
Препорачано
Проектот „Сенки“ е конципиран како колажна инсталација, која ги илустрира некогашните глорификации на идеолошката смисла на војувањето, наспроти сегашните бесмислени подвизи од името на новиот поредок, истиснувајќи го човекот од времето кое го живее.
Концептот на проектот „Сенки“ произлегува од потребата на современото општество да се одговори на прашањето за смислата на човековото позиционирање во апокалиптичните сценарија на денешницата. Живеејќи во време на технолошка револуција и предоминатна индустриска експанзија, каде трговските војни и акумулацијата на капиталот стануваат врвен приоритет, проектот суштински го адресира прашањето за човековиот опстанок, оставен на сопствените инстикти и можеби принуден на паравоено преживување.
– Фрагментираните фотографии со воени сцени како фризови од новите пантеони на моќта и цртежите од повоениот период се судираат во концептот на Демначот на крајот соочен со псевдопотентноста на времето кое го живее. Апроприираните цртежи се критички реанимации со реконтекстуализарана порака во време кога симболиката се консумира побрзо отколку што се разбира. Нивната корелација со пластичните играчки војници и осамениот Демнач, го изнесува на површина прашањето: Што е она што се задржува на периферијата на колективната свест и дали овие духови на отпорот ги фрлаат своите сенки низ генерациите? – објаснува Павлески.
Текст со наслов „Износените плаштови на револуцијата“ за изложбата „Сенки“ напиша историчарката на уметност Натали Рајчиновска-Павлеска.
– Иконографиите од повоениот период (цртежите) заедно со пластифицираниот феномен на војувањето (фотографиите) – два пунктуми на идеолошката комодификација, дијахроно се судираат со совремниот концепт на Демначот, лоциран во едно надреално и асоцијативно-апокалиптично сценарио. Доколку го следиме хронолошкиот фатум на проектната поставеност, апроприираните цртежи како некаков белег од детството на авторот се чини дека се носечки во концептот „Сенки“. Како фрагмент од авторовото лично сеќавање на времето од големите идеологии, па и смислата на ликовниот одраз на едно општествено време, тие сега се манифестираат како привиденија на трансгенерацискиот, и, веќе дотрошен идеолошки отпор. Реферирајќи на пластифицираната и милитаризирана имагинација на денешницата, на трговските војни и несопирливата акумулација на капиталот, се поставува прашањето, дали можеби уметникот сака да ни апострофира дека гледајќи со „очи широко затворени“, Западот можеби ја изгубил пластичната револуција од Истокот? – напиша Натали Рајчиновска-Павлеска.
Стојан Павлески е роден во 1976 година во Скопје. Дипломирал на Архитектонскиот факултет и на Ликовната академија, оддел сликарство, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Учествувал на повеќе групни ликовни изложби во земјава и во странство. Aвтор е на проектот „Ничија земја“ (2016), претставник на 15-то Биенале на архитектура во Венеција.