Кој ќе касне праска, ќе порасне, ако има 600 денари за килограм!

Според актуелната понуда на пазарите и во маркетите, во моментот само јагодите може да го носат префиксот „домашно“, а остатокот е од увоз со цени од кои на граѓаните им се врти во умот. Овошјето сега се продава за 26,5 проценти поскапо од лани, а зеленчукот за 13 проценти

Како тргнала работата, на креаторите на новата просечна потрошувачка кошничка ќе им биде многу тешко да изберат кое домашно сезонско овошје ќе им биде достапно на македонските семејства. Според актуелната понуда на пазарите и во маркетите, во моментот само јагодите може да го носат префиксот „домашно“, а остатокот е од увоз со цени од кои на граѓаните им се врти во умот.

Нивната цена сега се движи околу 130 до 150 денари за килограм, бидејќи пристигнуваат од околината на Скопје. Обиколката на „Слободен печат“ покажа дека сега се продаваат јаболки од Србија по цени од над 70 денари за килограм, но има и цреши од Грција кои се нудат за околу 1.000 денари. Кој ќе касне праска, ќе порасне, вели една стара поговорка, а ние би додале ако има 600 денари за килограм, од оние кои исто така се набавени од нашиот јужен сосед.

Од таму допатуваа и лубениците кои се продаваат по 100 денари за килограм. По една недела според информациите од трговците ќе пристигнат и албанските лубеници кои ќе чинат нешто помалку. Се нудат и два вида на грчко грозје и за нив треба да се издвојат по 450 денари за килограм, кокос од Тајланд за цена од 100 денари парче, но и ананас од Еквадор, кој се доближува до цената на јаболката. И јужното овошје „вреска“ со цените па килограм банани стаса до над 90 денари за килограм, лимоните чинат над 100 денари, а портокалите се најевтини по цена од 60 до 70 денари килограм. Има и круши се разбира од увоз и чинат 140 денари за килограм.

Статистиката веќе измери двоцифрени поскапувања во проценти кај овошјето и зеленчукот, во април годинава со истиот месец лани. Овошјето сега се продава за 26,5 проценти поскапо од лани, а зеленчукот за 13 проценти. Поради повисоките трошоци за производство, лошите приноси и евтиниот увоз, домашното овошје последниве години е поскапо од грејпфрутот, лимоните, портокалите, бананите, ананасот, велат експертите.

-Минусните температури што десетина дена владеја во земјава, го проретчија родот кај овошките, а на удар беа бадемите, кајсиите, праските и сливите, кои беа во фаза на полно цветање. Штетите допрва ќе се бројат – велат агрометеоролозите.

И дел од регионот веќе пријавува штети кај раните овошки, што секако ќе влијае и врз квалитетот, но и врз цената на увозните овошја не само како свежи, туку и кај суровини за конзервната индустрија. Тоа е веќе евидентно и потврдено кај праските во Росоманско.

– Станува збор за регион што е најголем производител на праски во државата. Првите проверки на терен велат дека голем е данокот што и овој пат го имаат земено ниските утрински температури на прагот на пролетта. Штети има кај дрвцата праски, кајсии, бадеми, кои во овој период од годината се во фаза на полнo цветање. Најголеми се штетите во Росоман и росоманските села Манастирец и Трстеник – подвлече Драганчо Николов, советник во Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, подрачна единица Кавадарци. Веќе пишувавме и за речиси стопроцентно уништување на ресенските јаболка.

За 2024 година, ДЗС соопшти дека површините под овошки се зголемени за 3,1 отсто, а лани во однос на 2023 година е забележано значително зголемување на производството на сите овошја. Најголемо зголемување има кај јаболката за 59,1 и кај црешите за 41,0 отсто, но тоа е џабе кога климатските промени го јадат родот. Зголемен лански род има и кај вишните, крушите, праските, сливите и оревите, но тоа не е доволно за да се задоволи домашниот пазар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот