Џорџо Армани / Фото: Profimedia

Кој ќе ја наследи империјата на Џорџо Армани: Модната легенда ги откри плановите само неколку дена пред смртта

Само една недела пред светот да ја добие веста за неговата смрт, легендарниот моден креатор Џорџо Армани даде интервју за „Фајненшл тајмс“, во кое откри кој ќе ја наследи неговата империја.

Во разговорот, Армани објасни дека планирал постепено да ја предаде управувачката палка на компанијата, која во 2024 година оствари приходи од 2,3 милијарди евра и чиј единствен сопственик беше до крајот на својот живот.

„Моите планови за наследување подразбираат постепено пренесување на одговорностите што досега ги носев врз Ла Дел’Орка, членовите на моето семејство и тимот вработени. Сакам процесот да биде органски, без нагли пресврти кои би можеле да го загрозат креативниот и деловниот континуитет“, изјави Армани.

До последниот ден од животот, Армани беше не само креативен директор, туку и генерален директор и единствен сопственик на компанијата што ја основа пред половина век.

Во јуни и јули годинава, поради болест, не се појави на дел од модните ревии, еден од ретките такви случаи. Болеста, од која никогаш не се опорави целосно, го спречи да биде таму каде што секогаш бил – во првите редови.

„Мојата најголема слабост е тоа што сè контролирам“, рече тој во последниот период, објаснувајќи дека ја надгледувал секоја проба и секој детаљ за големата ревија во миланската галерија „Пинакотека Брера“, организирана во чест на 50-годишнината од брендот.

Армани е роден во Пјаченца, 65 километри југоисточно од Милано. Татко му бил сметководител и го насочил кон студии по медицина, нешто што, како што велеше, ја објаснува хируршката прецизност и чистота на неговиот стил.

Својата кариера ја започна во „Ла Ринасенте“ во Милано, а потоа дизајнираше машка облека за „Нино Черути“. Во 1975 година ја основа сопствената компанија со почетен капитал од само 10.000 долари, во канцеларија помала од неговото денешно купатило.

„Мојата цел на почетокот беше да ја изразам својата визија и да ги облекувам луѓето. На некој начин, тоа и денес остана истата идеја“, изјави Армани.

Жените ги облече во одела што беа подеднакво радикални како креациите на неговата омилена дизајнерка Габриела Шанел, создавајќи силна и самоуверена мода што ја обележа револуцијата на осумдесеттите години. Машката мода, пак, ја ослободи од строгата конструкција, со што засекогаш го смени изгледот на костумите.

Со својот уникатен пристап, Армани создаде бренд вреден милијарди. Само минатата година, приходите достигнаа 2,3 милијарди евра.

„Не знам дали би го употребил зборот ’работохоличар‘, но напорната работа е сигурно клучот за успех. Единствено жалам што поминав премногу време работејќи, а премалку со пријателите и семејството“, изјави Армани во своето последно интервју.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!