Фото: Pexels/ cottonbro studio

Кои се трите професии кои ќе ја преживеат вештачката интелигенција?

Сигурно е дека вештачката интелигенција ќе донесе големи пореметувања на пазарот на трудот (многумина веќе го почувствуваа тоа на своја кожа), но сè уште е тешко да се предвиди до кој степен технологијата ќе ги замени луѓето на работното место, а колку таа ќе биде само помошник за подобро да ја завршиме нашата работа. Загрозени се бројни работни места – од администрација до банкарски сектор, а она што можеби изненадува е тоа што вештачката интелигенција се покажа доста успешна и во креативните работни места. Експертите за пазарот на трудот предупредуваат дека нивните работни места нема да ги преземе вештачката интелигенција, туку луѓето кои знаат да ја користат, односно оние кои многу подобро ќе си ја вршат работата со помош на технологијата.

Во моментов, се чини дека физичките работници како градежници, плочкари и слично се најбезбедни, но со развојот на напредни роботи, ова може да се промени на долг рок. На краток рок, многубројните занимања во кои работата се врши исклучиво со помош на компјутери се изложени на ризик.

Кој е најранлив и кој може да биде (релативно) безбеден од технологијата – мислењата се различни, но интересно е да се слушне како Бил Гејтс гледа на оваа тема.

Долгогодишниот шеф на Мајкрософт издвои три професии кои, според него, се безбедни од вештачката интелигенција. Неговото размислување е доста интересно бидејќи е во спротивност со некои од општите ставови во технолошката индустрија. Имено, едно од тие занимања е кодирањето.

Вештачката интелигенција досега се покажа доста успешна во кодирањето, а неодамна дури и извршниот директор на „Енвидиа“ (Nvidia) Џенсен Хуанг им порача на младите добро да размислат пред да се одлучат за кариера во развој на софтвер, токму поради напредокот и можностите на вештачката интелигенција. Слично размислува и извршниот директор на „Сејлсфорс“ (Salesforce), Марк Бениоф, кој неодамна изјави дека неговата компанија сериозно размислува да не ангажира софтверски инженери оваа година.

Додека Гејтс се согласува дека вештачката интелигенција е одлична во кодирањето, тој верува дека луѓето сè уште се неопходни во процесот. Тие се потребни за да се идентификуваат и коригираат грешките, да се приспособат и менуваат алгоритми и да се поддржи вештачката интелигенција за време на развојот. Иако ова има смисла, се чини дека во овој процес најголемиот дел од работата сепак би можела да ја преземе вештачката интелигенција, додека поддршката и корекција на грешки би барале помалку луѓе, што значи дека многу луѓе сепак би биле без работа.

Друго безбедно занимање, според Гејтс, се биолозите. Иако вештачката интелигенција е исклучително добра во дијагностицирање на болести и анализа на ДНК, ѝ недостига креативност потребна за биолошко истражување и научни откритија.

Третото занимање кое, според Бил Гејтс, би можело да биде безбедно од вештачката интелигенција е поврзано со експерти за енергија. Тоа е, вели тој, премногу сложено занимање за да биде целосно автоматизирано. ВИ, се разбира, ќе помогне да се постигнат глобалните климатски цели, но технологијата нема да може да ги замени луѓето во оваа индустрија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот