
Кога љубовните проблеми го нарушуваат варењето и дигестијата: Како да го смирите „нервозниот стомак“?
Нервозниот стомак е еден од начините, односно доказ дека нашите емоции директно влијаат врз телото. Иако не претставува болест сама по себе, симптомите можат да бидат многу непријатни и да го попречат секојдневниот живот, пишува „Е-клиника“.
Препорачано
Што е нервозен стомак?
Лекарите користат термини како „нервозен стомак“ или „анксиозен стомак“ за да опишат мачнина, надуеност, болка или други тегоби што не се поврзани со конкретно гастроинтестинално заболување. Најчесто оваа состојба се јавува како реакција на телото на стрес, анксиозност или напнатост.
Симптоми на нервозен стомак
Нервозниот стомак може да личи на други дигестивни нарушувања, како синдром на иритабилно црево или гастритис. Најчестите симптоми се:
- грчеви
- болка во стомакот
- промени во апетитот
- дијареја
- лоша дигестија и чувство на тежина
- мачнина
- запек.
Кај децата симптомите може да се изразат преку одбивање да одат на училиште или чести жалби за болка во стомак, без присуство на инфекција или друг медицински проблем.
Зошто настанува оваа состојба?
Нашиот дигестивен систем има сопствена мрежа на нерви – ентеричен нервен систем. Кога сме под стрес, мозокот ослободува хормони кои влијаат на работата на желудникот и го забавуваат варењето. Тоа е дел од познатиот одговор „бори се или бегај“. Долготрајниот стрес или постојаната напнатост можат постојано да предизвикуваат вакви реакции.
Најчести предизвикувачи се важни животни настани (испити, јавни настапи), финансиски грижи, семејни или партнерски проблеми, развод, промени на работа, преселба, загуба на близок, хронични болести.
Како се лекува нервозниот стомак?
Иако оваа состојба може да биде многу непријатна, постојат повеќе начини за ублажување на симптомите:
1. Психотерапија и поддршка
Разговор со психотерапевт помага да се научат техники за подобра контрола на стресот и анксиозноста.
2. Лекови
При изразени симптоми, лекар може да препише терапија против анксиозност или депресија.
3. Медитација и техники на дишење
Само 10–15 минути дневно фокусирано дишење или медитација може значително да ги намалат симптомите.
4. Исхрана
Избегнувајте храна и пијалаци што ги влошуваат тегобите, како кофеински пијалаци (кафе, газирани сокови, зелен или црн чај, чоколада) и млечни производи.
5. Активности за ослободување од стрес
Шетање, вежбање, водење дневник, слушање музика или разговор со пријатели можат да помогнат.
6. Природни лекови
Ѓумбир (чај, свеж корен или додатоци) може да ја ублажи мачнината. Чајот од нане е универзална помош за смирување на грчеви и непријатност.
Прогноза и живот со симптомите
Нервозниот стомак најчесто не е знак за сериозна болест, но може да личи на хронични гастроинтестинални нарушувања. Доколку симптомите се повторуваат, важно е да се консултира лекар.
Контролата на стресот и здравиот начин на живот обично се клуч за намалување на тегобите и подобар квалитет на живот. Нервозниот стомак е сигнал дека телото реагира на стрес и напнатост. Со мали промени во исхраната, навиките и начинот на релаксација, можно е значително да се намалат симптомите и да се почувствува подобро.