Протест во Скопје на родителите на настараданите во дискотеката во Кочани / Фото: Драган Митрески / Слободен печат

Кочанскиот крик од болка одекна и по скопските улици

Семејствата го искажаа својот гнев кон сите партии што владеат 30 години, а барањата за оставка беа најгласни кон министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и републичкиот обвинител Љупчо Коцевски.

Со барања за оставка на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и републичкиот обвинител Љупчо Коцевски, со свирежи и извици „Уаа“ за опозициската СДСМ и барања за поагресивна борба во Собранието, семејствата на загинатите во дискотеката „Пулс“ во Кочани побараа одговори од институциите за трагедијата и го искажаа својот гнев и во Скопје кон сите партии што владеат 30 години.

Со фотографии од починатите деца, пет минути по 12 часот дојдоа пред републичкото обвинителство, побараа апсење на сите кои биле на функција во периодот кога нелегално работела дискотеката, потоа на командирите кои ги назначил Тошковски, револтирани од објаснувањата дека верижната одговорност тешко се докажува.

На транспарентите можеа да се прочитаат емотивни пораки: „Прошка нема, правда за нашите ангели мора да има.“, „Затворени очи, отворени гробови, корупцијата пали побрзо од оган.“, „Нема трагедија, има злосторство. Колку животи треба да се изгубат за да се подигне вашата свест“

Дел од родителите кои дојдоа во Скопје веднаш влегоа во Обвинителството, каде деновиве беа повикани за да се запознаат со текот на постапката. Болката за своите загинати деца, но и гневот и разногласието меѓу родителите беше забележливо уште на почетокот на протестот, кога влегувањето на родители во Обвинителството беше искоментирано како контаминирање на маршот со партиски ботови.

За најодговорни за трагедијата ги посочија министерот за внатрешни работи, но и обвинителот Коцевски, односно двете институции.

– Банди криминални ја водат државата 30 години, партиски кадри кои седат во скапите фотелји, а ги плаќа народот. Ова е партиско дувло, ова е вмровска инстиуција, ова е картелско-бизнис дувло, ова беше огранок претходно на социјалдемократите. Најодговорни се Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни. Дали некогаш Обвинителството има реагирано по допрен глас, што им е законска обврска, освен по партиски допрен глас? Овој таканаречен обвинител, оној шизикот Тошковски, двајцата се највиновни. Какви работи се наслушавме пред да седнат во фотелјите, а ние ги плаќаме. Дали направиле ревизија што се правело претходно. Дали најголемиот криминалец Зоран Заев е затворен, не е – рече Владимир Апостолов, татко на еден од загинатите. Тој поединечно ги именуваше сите министри за внатрешни работи и сите обвинители кои го воделе досега Обвинителството.

„Мојата крв е во земјата закопана“

Маршот почна од пред Обвинителството и продолжи кон Собранието. Таму ги повикаа пратениците да излезат пред семејствата на загинатите и повредените.
– Узурпатори надвор, ќе нè удостои ли некој да излезе – прашуваа семејствата.
И пред Собранието бараа оставка од Тошковски додека во собраниските клупи течеше седницата за интерпелација на министерот за внатрешни работи.

– Мојата крв е во земјата закопана, најголема болка е да се изгуби дете, но уште поголема болка е да бараш правда во корумпирана држава. Ова е поголема трагедија од 2001, 62 загинати и 200 повредени – повикуваа родителите.
Пред Собранието, емотивен говор имаше таткото на загинатото момче кое се лекуваше во болница во Литванија.

– Одам во Литванија, мислејќи дека ќе се подобри, а доктори од тамошната болница ми велат: „погрешен начин на третирање првично“. Треба да се најде вината, дали е во државата, дали е во здравството. Секоја чест за децата од Црвениот крст, најголема поддршка беа тие. Изгубени сме, не знаеме што правиме, 20 дена нема откако детето ни почина. Животот повеќе ни нема смисла – рече тој и повика да престане вработувањето на партиски непрофесионални кадри кои, според него, ни ја уништуваат државата.

Пред Собранието излегоа прво пратениците од Левица – Борислав Крмов и пратеничката Јована Мојсоска. Родителите од нив побараа да имаат поагресивен настап во Собрание, дури се спомна и сите пратеници од опозицијата да си депонираат оставки. Крмов беше дециден дека верижната реакција тешко се докажува и дека најодговорни за трагедијата се СВР Штип, ОВР Кочани и актуелната власт која ја води државата веќе десет месеци.

По кратко, пред семејствата се појави и опозицискиот лидер Венко Филипче со комплетната пратеничка група на СДСМ. Тие прво беа пречекани со негодувања и со зборовите „убијци, убијци“. Откако ситуацијата се смири, дел од присутните порачаа „добро е, овие барем се симнаа, за разлика од некои“.

– Ние ги побаравме. Се одважија да излезат, за разлика од некои други кои не се одважија ниту добар ден да ни кажат – изјави еден родител.

– Ние сме со вас. Даваме сè од себе во борбата. Институционално правиме тоа што се може. Бараме истрагата да не биде селективна и тоа го правиме со расположливите инструменти – рече Филипче пред гневните родители и граѓани.

Левица и СДСМ се појавија пред семејствата

Дел од семејствата на загинатите упатија прашање до пратениците – што се случи со решенијата на претходното раководство на МВР за престанок на работата на дискотеката „Пулс“. Една од мајките на загинато дете рече дека тогашниот министер Оливер Спасовски издал барање за затворање на „Пулс“. Кој потоа не ја спровел потврдата, треба да кажат надлежните органи, кажа таа.

– Ние сме тука. Со ова не сакаме да постигнеме политички поени. Тука сме да помогнеме – додаде Филипче.

Додека тој разговараше со дел од мајките, со појави жена која хистерично викаше дека и ја убиле ќерката и носеше слика од девојчето кое беше лажно пријавено дека е исчезнато. Дури една од мајките која има загинато дете ја тешеше жената.

Од пред Собранието, протестантите беа повикани на средба кај министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Иако првично имаше разногласие за тоа што да се прави, родителите заминаа кон Министерството за внатрешни работи, но таму побараа прво Тошковски да излезе пред нив. Една од мајките дури и клекна на колена пред Министерството за внатрешни работи со фотографијата на својата загината ќерка.

Министерот Тошковски излезе пред нив и ги покани да влезат и да разговараат и рече дека претходно веќе со некои од нив имал разговарано,

– Ве молам, дојдете со мене. Болката не можам да ја опишам со зборови. Ако не сакате, ќе ве разберам. Ама како човек, како родител, ве замолувам, дојдете – рече Тошковски пред родителите кои сеепак прифатија средба со Тошковски.

Тошковски, на средбата со семејствата, изрази уверување дека правда за овој случај мора да има ако сакаме да имаме нормална држава, посочувајќи дека во интерес на истрагата не може да изнесе повеќе детали во овој момент.

-Не сакам политика да правам од ова. Не сметам дека овие деца го заслужуваат ова. Верувајте. Истрагата е се уште во тек. 70 луѓе се досега осомничени. Ова што го говорите го разбирам и го разбирам гневот – изјави Тошковски.

Дел од родителите пак останаа да чекаат пред Министерството за внатрешни работи.  Ова е прв марш во Скопје по трагедијата во Кочани во која загинаа 62 лица, а околу 200 се повредени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот