Плакат за настанот на Филолошкиот факултет во Скопје

Книжевен портрет на писателот Венко Андоновски ќе се одржи на Филолошкиот факултет во Скопје

Во Аулата на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје на 18 март (понеделник), со почеток во 18 часот, ќе се одржи Книжевен портрет на Венко Андоновски. Беседа и разговор со авторот ќе одржи проф. д-р Кристина Николовска. Настанот е во организација на Катедрата за македонска книжевност и култура.

Венкo Андоновски (1964, Куманово) е прозаист, драматург, критичар. Професор по книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Дописен член на МАНУ. Еден од најчитаните македонски автори во последнава деценија.

Романот „Папокот на светот“ е продаден во над 14.000, а „Вештица“ во над 8.000 примероци. Тој е еден од најпопуларните драмски писатели во последниве десетина години во Македонија. Автор е на над 30 книги од најразлични жанрови.

Добитник е на сите домашни награди за проза, драма и критика, како и на меѓународните награди „Балканика“, „Кочиќево перо“, „Југра“ и Толстоева награда „Јасна полјана“. Романот „Папокот на светот“, во превод на руски јазик, беше номиниран за Толстоевата награда во 2018 година.

За француското издание на неговиот роман „Вештица“, Милан Кундера, откако ќе го спореди Андоновски со Херман Брох и Карлос Фуентес, напиша: „’Вештица‘ е голем роман за Европа. За минатото и сегашноста на Европа. Но, доста. Не сакам да ви го раскажувам овој роман што и не може да се раскаже. Ве молам прочитајте го. Со љубовта која ја заслужува“.

Поважни дела на Венко Андоновски се „Фрески и гротески“, „Припитомување на кучката“ (раскази); „Азбука за непослушните“, „Папокот на светот“, „Вештица“, „Ќерката на математичарот“ и „Папокот на светлината“ (романи).

Поважни изведени драми: „Бунт во домот за старци“, „Словенскиот ковчег“, „Кандид во земјата на чудата“, „Црни куклички“, „Папокот на светот“, „Кинегонда во Карлаленд“, „Граница“, „Олово на перница“, „За секого има по една“, „Генетика на кучињата“, „Ана Каренина – македонска приказна“, „Исус на Масада“, „Господарот на кукавицата“, „Јов“.

Во дело книги со книжевна критика и културологија се „Матошевите ѕвона“, „Структурата на македонскиот реалистичен роман“, „Текстовни процеси“, „Дешифрирања“, „Воскресението на читателот“, „Обдукција на теоријата – Жива семиотика“ (том 1), „Обдукција на теоријата – Наратологија“ (том 2), „Зеницата на Македонија“ (Историја на македонската светлина) – монографија за културата на Македонија (со Глигор Стојковски), „Достоевски и Мекдоналдс“ (книжевни и културолошки есеи).

Сценарио за филм: „Превртено“ (според вториот дел на „Папокот на светот“, во режија на Игор Иванов – Изи). Делата му се преведени на десетина јазици, меѓу кои на англиски, француски, унгарски, руски, грчки, словенечки, хрватски, српски, бугарски јазик, известија од Деканатот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот