
Ќерката на пациентот од Онкологија кој починал, плачеше во судница, додека обвинителката ги кажуваше завршните зборови
Додека обвинителката Лидија Раичевиќ ги кажуваше завршни зборови во судскиот предмет каде тројца лекари од Клиниката за онкологија се обвинети за несовесно работење во службата и за несовесно лекување болни, ќерката на пациентот Томо Ристовски кој починал – плачеше. Според обвинителниот предлог, екс-директорот на Клиниката за онкологија доктор Никола Васев се товари за несовесно работење во службата, а докторите Игор Стојковски и Марија Симоновска се обвинети за кривичното дело несовесно лекување болни. Токму семејството на починатиот Томо Ристовски ја поднело кривичната пријава против нив.
Препорачано
Рочиштата траеа речиси две години. Адвокатката на семејството на пациентот Томо Ристовски, Емина Реброња Радончиќ во своите завршни зборови кажа дека „адвокатката на доктор Нино Васев извадила документ во судница кој бил издаден по смртта на Томо Ристовски“.
-Кога судот ќе одлучува, ова не смее да се заборави – до каде одбраната била подготвена да оди за да ја избегне или намали својата одговорност. Вештиот наод и мислење од Институтот за судска медицина на јасен начин утврдува дека ненавремено се почнало со терапија и погрешната терапија неспорно довеле до влошување на состојбата на починатиот и намалување на неговиот животен век, истакна таа.
Докторите од Клиниката за онкологија се чувствуваат невини и нивните адвокати на судот му предложија да ги ослободи од обвинението. Пациентот Томо Ристовски боледувал од малиген меланом и според обвинението не добивал терапија во текот на неколку месеци од 2018 година, поради што болеста се влошила и тој починал.
Адвокатите на докторите пак, како и самите доктори, во судница тврдеа дека пациентот добивал терапија, бил лекуван според валидни медицински протоколи и побараа судот да ги ослободи од обвинение. Пресудата ќе биде изречена задутре (четврток).
Обвинителката Лидија Раичевиќ, истакна дека е должна да каже дека докторите Никола Васев, Игор Стојковски и Марија Симоновска, според тврдењето на Обвинителството се сторители на кривично дело во периодот од 18 јуни до 26 ноември 2018 година.
За што Обвинителството ги товари овие доктори?
Завршните зборови на обвинителката што го застапуваше обвинението, Лидија Раичевиќ, во судницата донесоа солзи за ќерката на починатиот пациент.
-Огромен е предизвикот да им кажете на доктори со долгогодишно искуство и на млади доктори кои лекуваат најтешки пациенти дека се сторители на кривични дела, во ситуација кога државата е мала и кога има ограничени ресурси во сите витални системи. Но уште поголем е предизвикот да се соочите со страдањата на оние кои што во тој недоуреден систем ги губат своите блиски на најтежок можен начин, а такви има илјадници. Секојдневно поминуваат низ ходниците, се среќаваат со докторите. Тие болници почнуваат да се полнат со густ чад од чувства на надеж дека тие доктори ќе помогнат и ќе излекуваат. Не се лекуваат сите. Остана впечатокот дека не е преземено се што требало еден доктор да преземе, дека системот овозможил едниот од докторите да оди да се дошколува во странство, друг да го прими пациентот, а директорот да го одобрува лекот. Сето тоа создало една неизвесност и повреда на бланкетните норми, кои ги има и се запишани, рече обвинителката Раичевиќ во завршните зборови.
Според неа, составен дел на ова обвинение е повредата на Законот за заштита на правата на пациентите и Законот за здравствена заштита кои и кај нас и во регионот, предвидуваат упатства и препораки кои требало да воспостават стандарди во лекувањето, во издавањето на лековите, за да се насочи докторот што да прави со одреден пациент за да не згреши.
– Како и да е, кај Томо Ристовски во делот на лекувањето ништо не е испочитувано како што треба. Прописите наложуваат одреден прием на овој пациент. Третман, однос, медицинска грижа, воспоставување на дијагноза врз основа на правилни испитувања па потоа следење на третманот со огромна доза на внимание за тоа како реагира пациентот на тие лекови. Требало да се направи се што медицината може да пружи, за да се продолжи неговиот живот. И никој овде во овој предмет не тврди, ниту пак јас како обвинител имам право да тврдам, дека Томо Ристовски немаше да почине од оваа дијагноза. Сите што ги прашавме го потврдија тоа, мислам на стручни лица. Дел од нив не беа прифатени овде да вештачат. Тешко е тоа заболување, го знае тоа семејството. Ова обвинение не е за заштита на она што не можело да се заштити, а тоа е животот на Томо. Ова обвинение е затоа што пристапот на лекување не бил адекватен на законските прописи, рече Раичевиќ.

Довербата во Онкологија е „јад и очај“ но од некаде мора да се почне, рече Раичевиќ
Таа прво им се обрати на лекарите во судницата.
-Знам дека во квантумот на медицинското знаење, јас не сум ваш рамноправен соговорник. Тоа знаење е големо. Ниту постои таков експерт во овој предмет кој може да ви каже дека вие не сте постапиле во склад со своето знаење. Но сакам нешто да ви порачам како обвинител и се надевам дека ќе излезете од оваа судница со сфаќање каде е грешката, зошто дојде до постапка и зошто веќе подолг временски период сте под траума на одреден притисок, бидејќи товарот на кривичната постапка не е мал. Како што вие сте се специјализирале за меланоми, така ние моравме да водиме кривична постапка. Доктор Никола Васев, вие за лековите во болницата доколку имавте проблем со снабдувањето, ако не можевте да го решите тоа на начин како што предвидуваат законите, тогаш бевте должни да реагирате, бевте должни во секоја ситуација да алармирате, а не да молчите и да постапувате на начин како што сте постапиле кај пациентот Томо Ристовски. Тоа не смееше да се случи, му се обрати обвинителката на доктор Нино Васев.
За второобвинетиот доктор Игор Стојковски, кој во текот на дел од лекувањето на пациентот Томо Ристовски бил на доусовршување во Австрија, Раичевиќ рече дека останува на обвинението.
-Вие доктор Игор Стојковски, јас знам дека е наједноставно да се браните со реченицата „јас не бев тука, бев во странство“. И таквата теорија на алиби може да има ефект кај многу тешки кривични дела ама не и кај ова. Зошто? Затоа што од оној момент кога ќе примите пациент и ќе станете негов ординирачки лекар, без разлика на тоа дали ќе бидете до пациентот или ќе одите во Австрија три месеци да се дошколувате, вие сепак, сте оставиле во болницата пациенти кои ви го довериле своето здравје и по системот на работа вие имате заменски доктор. Слушнавме дека тој заменски доктор не се чувствувал оптоварен. Но, не слушнавме дали вие покажувавте лекарска обврска и должност за интерес за одреден пациент. Што се случува со неговото здравје, вие сте го примиле, жив ли е? Или, премногу пациенти и премногу судбини не ни даваат можност? А административната работа за препишување терапија се комбинира со предизвиците за стекнување нови знаења? Од оној момент кога сте го примиле пациентот, грижата е ваша докторе и затоа ќе останам на обвинението. На крајот, доктор Марија Симоновска, млад надежен доктор со тешки пациенти ама во конкретниот случај со пропусти во своето работење заради несовесно лекување болен како што предвидуваат протоколите, рече обвинителката.
Таа не изврши опсежна анализа на сите материјални докази, медицинските извештаи кога пациентот Томо Ристовски бил примен, кој лекар што презел, од причина што, како што рече, целиот доказен материјал е хронолошки поделен по извештаи и укажува на фактите, па повторување не е потребно.
-А тоа е, дека во периодот наведен во обвинението се преземени дејствијата односно е извршено кривичното дело. Тие документи ќе ви го укажат местото на сторување на кривичното дело. Сами по себе наодите и снимките ќе ви кажат какви дејствија презеле овие доктори, но ова нема да биде доволно, ако не се доведе во релација со прописите што ги наведов, му се обрати Раичевиќ на судот.
Таа рече дека меланомот кај пациентот прогресирал по аплицирани терапии и довел до смрт, а дека Институтот за судска медицина преку непосредно сведочење во судница на професор Билјана Јанева, го презентирал своето вештачење според кое „испуштена била можноста од лекарите да му го продолжат животот на Томо Ристовски“.
-И најкусиот момент да може некому да му го продолжите животот е оправдан став на медицината, кој своето покритие и корени ги има во двата основни научни модали кои ги има и правото – а тоа се етиката и моралот. Всушност, во основата на овие кривични дела имаме и директна повреда на моралот и на етиката. Свесна сум дека ова е, како да зборувам за довербата во обвинителството. Довербата во Онкологија во моментов е јад и очај, ама должни сме од некаде да почнеме и да кажеме дека тоа така не мора да биде. Да се заборави амбиентот на заразна летаргија кој гласи „што можам јас тука како поединец кога сите работат така“. Во моментот кога се соочувате со фактот дека за своите постапки кривично ќе одговарате, доволна е помислата што можело да се направи поинаку во лекувањето на овој пациент. Јас нема да ви дадам одговор, зашто не го знам, ама го знааат овие тројца доктори. Сигурна сум дека се свесни дека од нивните постапки не зависи животот, ама продолжувањето на животот – секако зависи од нив, истакна обвинителката.
Таа е убедена дека лекарите ќе бидат осудени.
-Судија, барам вашата одлука да биде во склад со подигнувањето на моралот и чувството за правда кај оштетените а тоа се децата на Томо Ристовски кои поминале страшен пат, незнаејќи што им се случува, барајќи помош, надевајќи се дека татко им можеби ќе добие соодветно лекување, а паралелно фрустрирајќи се, гледајќи ја неговата агонична состојба на раскашување на мишката на телото до коскена срцевина, дезориентираност, болки и изгубеност во живо тело без добра свест на човекот кој намногу ви значи. Не значи дека за се што преживуваат децата на Томо Ристовски, треба да одговараат овие доктори, ама за тоа што можеле да го преземат а не го направиле, барам да утврдите кривична одговорност и да ги осудите. Го завршувам мојот завршен збор со длабоко верување дека правдата ќе ја препознаат не само оштетените туку и самите обвинети и најголем придонес ќе биде ако го променат целиот начин на лекување со овие најтешко болни пациенти, рече Раичевиќ.
Жестока одбрана од тим адвокати на лекарите – сите очекуваат ослободителна пресуда
Адвокатката на доктор Нино Васев Билјана Јандриоска рече дека обвинителката и адвокатката на семејството ја принудиле да го дополни својот завршен збор, затоа што од нив слушнала само општо објаснување за тоа каков е нашиот систем, какви се мислењата на јавноста по однос на здравството, обвинителството и судството и како „судот требало да донесе пресуда со која ќе се овозможело создавање на свест дека треба да се промени системот“.
-Па дури и се стави во улога на адвокат на мојот клиент и на останатите обвинети, па истакнува дека бараната осудителна пресуда од страна на обвинителството, мојот клиент „ќе ја почувствува како правда и ќе ја прифати“. Па слушнавме укажувања дека на мојот клиент Никола Васев додекка бил директор како грев му се пишува навод дека не се обраќал до Министерството за здравство да побарува лекови кои што клиниката ги немала на лагер. Па после ја слушнавме дека фразата „па сите така прават“ мора да прекине. Се бараше нешто да се промени и дека овој процес превентивно ќе делува во тој правец. Мене ме потсети ова на една народна поговорка од народните приказни. Кога момата ја пуштале по вода со бардаче, па ако го скрши бардалчето и се врати назад ќе биде казнета. Дека тоа е без ефект, туку „треба да се казни пред да оди по вода за да не го скрши бардачето“. Ако бараме правда во случајот, тогаш единствената правда ќе биде ослободителна пресуда за Никола Васев кој во конркетнитот период беше директор на УКРО, а не со измислен случај да создаваме претпоставки за нешто во иднина да се смени, истакна адвокатката Јандриоска.

Според неа, пресудата треба да биде ослободителна за доктор Нино Васев, зашто во содржината на обвинението тој никаде не се товари за ненавремено набавување на лекови на УКРО. Во обвинението, според Јандриоска, никаде не се споменува која терапија ја имало или ја немало, кој лек бил препишан или не бил препишан. Обвинението според неа се заснова на Законот за здравствена заштита и на Законот за заштита на правата на пациентите, општо и паушално, без да има точно определено дејствие.
Таа истакна дека обвинителниот предлог се темели на член од Закон што претставува чиста дефиниција за тоа што е директор на јавна здравствена установа.
-Ќе ја споменам реченицата дека обвинетите погрешно ординирале терапија. Вакво нешто ниту има во обвинението, ниту пак се дискутираше во текот на главната расправа дека некој дал погрешна терапија, рече адвокатката.
-Па се надоврзуваме на членот 5, став 3 од Законот за здравствена заштита според кој Томо Ристовски имал право на грижа, лекување и рехабилитација во склад со неговите поединечни потреби. Но оваа одредба содржи запирка и дел кој гласи „согласно со достапните методи и можности на медицината“. Оттука, сите пациенти не само Томо Ристовски, туку и сите ние имаме право на грижа, лекување и рехабилитација согласно нашите потреби со цел да се унапреди нивото на здравјето, но во согласност со достапните методи и можности на медицината. Обвинението на крајот се надоврзува на член што патем е – дефиниција. Дали може со едно обвинение да се гони некој, во конкретниот случај доктор Васев, засновајќи се на ,,дефиниција на здравствената заштита“?, реторички праша таа.
Адвокатката Јандриоска тврди дека терапија била давана, ама семејството не ја прифаќало
Таа истакна дека ситемот на здравствена заштита не може да го гледаме само како дејствија кои ги преземаат присутните доктори во судницата, ниту пак само може да го гледаме во дејствијата на директорот Никола Васев или било кој друг директор на било која друга клиника. Причината според нејзиното излагање е во тоа што за тоа кои лекови ќе бидат достапни во болниците одлучуваат Министерствата за здравство и финансии, како и владата.
-Бидејќи цело време говориме за лекови и терапија без да се посочат конкретно истите во обвинението, ќе укажам дека здравствената заштита мора да се гледа согласно ноторниот факт дека кои лекови ќе бидат утврдени на позитивна листа а кои нема и начинот на нивното требување и обезбедувањње да бидат достапни на клиниките, не зависи од денес присутните доктори, рече адвокатката Јандриоска.
Таа додаде дека во текот на целата главна расправа не слушнала која е таа терапија што „доктор Никола Васев како директор на УКРО не одобрил да биде препишана“ и дека Васев не му бил ординирачки доктор на пациентот, туку тоа биле Игор Стојковски и Марија Симоновска.
-Доктор Васев, не му вршел ни прегледи ни третмани на пациентот. Доколку било спротивно, тогаш обвинителот сигурно ќе го цитираше тој доказ и немаше само општо да наведе дека сите докази ги има судот и одбраната. Од доказите што ги има судот и одбраната, судот јасно ќе утврди дека доктор Никола Васев во ниту еден момент не е вклучен во лекувањето на Томо Ристовски од 18 јуни до 11 септември 2018 година, ниту пак, како директор на Клиниката, спречувал некој ординирачки доктор да му препишува терапија, истакна адвокатката Јандриоска.
Таа рече дека докторката Марија Симоновска препорачала терапија со интерферон алфа, објаснувајќи ги сите штетни влијанија од истата врз пациентот.
-Очигледно семејството не ја прифаќа оваа терапија, а не дека докторите не препишале терапија. Зошто го велам ова? За целиот период од 3 месеци сите клиники согласно утврдената дијагноза кај овој пациент даваат препорака со интерферон алфа. Оваа терапија е на позитивна листа и е достапна на клиниката цело време, а претпоставувам и до денес. Па оттука ќе го поставам прашањето која вина ја бара обвинителот кај директорот Никола Васев за недостаток на лекови за Томо Ристовски, кога во овој период за цело време е достапна за аплицирање терапијата интерферон алфа? Но овде би се поставило и прашањето дали семејството со тоа што не ја прифатило овааа терапија пропуштило драгоцено време за да се прифати фактот дека всушност нивниот татко треба да прима хемотерапија?, рече Јандриоска.
Според неа, само членовите на семејството сметале дека веднаш уште од јули месец на татко им треба да му се препише лек кој не е на позитивната листа и кој според протоколите не се препишувал во фазата на болеста во која бил пациентот. Рече дека доктор Нино Васев обезбедил доза „кејтруда“ за пациентот во период од само 5 дена кога оваа скапа биолошка терапија била достапна на клиниката, а не била на позитивната листа. Но, потоа лекот го немало во клиниката иако му бил препишан на пациентот и затоа на семејството му било кажано дека може да го набави.
-И фактот дека семејството приватно го набавило овој лек не е сокриен ниту пак е нешто недозволливо, бидејќи во отпусната листа јасно стои дека на пациентот му е даден лекот кој што е приватно набавен од страна на семејството. Оттука, не постои ниту дело кое се сака да се стави на товар на Никола Васев дека иако не е ординирачки доктор го упатил семејството само да купува терапија. Вакво дејствие не е преземено, но ниту еден доктор не може да забрани на семејство да обезбеди лекови кои не се на позитивна листа и кои ги нема на клиниката, истакна таа.
Васев наоѓал „кејтруда“ од донации, државата не ја обезбедила оваа биолошка терапија за сите на кои им треба
Додаде дека директорот изнаоѓал начин да добива „кејтруда“ на УКРО со донации во услови кога системот не обезбедил негова достапност.
-Не чув ниеден факт со кој ќе се докаже дека Нино Васев не презел се што е во негова моќ или надлежност. Овој суд не може да го осуди само со цел да се подигне морал на оштетени во предмет, а во услови кога не го сторил делото. Од овие причини барам судот да донесе ослободителна пресуда, заврши таа.
Доктор Игор Стојковски бил во Австрија три месеци
Адвокатот на Игор Стојковски Александар Коцев, се согласува дека има аномалии во здравствениот и правосудниот систем, но во конкретниот случај неговиот клиент три месеци немал никаков контакт со починатиот Томо Ристовски, зашто бил во Австрија на дошколување и користел годишен одмор.
-Нејасно е како јавниот обвинител утврдил дека доктор Игор Стојковски постапил несовесно кога во тој период прегледите воопшто не се вршени од него и тој немал никаков контакт со починатиот. Согласно тоа, немал ни можност да препишува или да дава било какви консултации околу неговата терапија, рече Коцев.
Тој додаде дека после критичниот период, односно откако Стојковски се вратил во Македонија, на секој извештај на пациентот му е препишана терапија. Коцев рече дека ниедно стручно лице вештак, во постапката не дало навод дека терапијата дадена на пациентот е „погрешна“ туку дека тие искази доаѓале од оштетените кои не се стручни лица.
-Со оглед на тоа што станува збор за непредвидлива болест, чиј тек и развој не може да се предвиди ни кога се дава најсовремена терапија, небулозно и неблагодарно е да се тврди дека влошувањето на состојбата настапила како резултат на постапувањето на обвинетите. Доктор Стојковски постапил совесно и грижливо, ги почитувал правилата за лекување пациенти со малигни заболувања и на судот му предлагаме да донесе пресуда со која ќе го ослободи, додаде адвокатот.
Адвокатката на доктор Марија Симоновска побара ослободителна пресуда
Адвокатката на доктор Марија Стојковска, Аница Цветановска, рече дека таа не презела дејствија спротивни на закон, туку како специјалист по радиотерапија и онкологија го почитувала стандардот на лекување кој важел во моментот. Тоа било потврдено и од вештак кој ја потврдил адекватноста на применетото лекување, рече адвокатката.
Во недостиг на судско вештачење, навремена адекватна обдукција, нејасно за нас е како обвинителството ја докажува причинско-последичната врска меѓу несовесното лекување и настанатата штета. Со ниту еден доказ, освен исказите на роднините кои се субјективни и емотивни, обвинителството не докажа дека Марија Симоновска не постапила по стандардите за лекување со должно внимание или дека предизвикала штета. Сите факти го докажуваат нејзиниот професионален однос и таа со ништо не придонела за влошување на малигната болест кај пациентот, истакна Цветановска и замоли судот да ја ослободи докторката од обвинението.
Сите тројца лекари се согласија со завршните зборови на своите бранители и немаа што да додадат. Пресудата ќе биде изречена во четврток.