Потпишување на меморандум меѓу Владата и Телеком / Фото: Влада на РСМ

Ќе сме станувале лидер во дигитализација во Југоисточна Европа, најавуваат од Владата и од Телеком

Македонски Телеком потпиша Меморандум за разбирање со Владата, со што се потврдува заедничката цел на двата најголеми акционери во компанијата за дигитална трансформација и просперитет на земјата.

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски се сретна со Тимотеус Хетгес, Главен извршен директор на Дојче Телеком и Доминик Лерој, Член на Управниот одбор на Дојче Телеком, ГИД за Европа. Меморандумот го потпишаа Горан Марковиќ, Главниот извршен директор на Македонски Телеком и Стефан Андоновски, Министерот за дигитална трансформација.

– Денешниот Меморандум за разбирање е потврда на нашата определба за дигитална иднина – за општество во кое технологијата служи на граѓаните, институциите и бизнисот. Со оваа соработка со телекомуникациските оператори, поставуваме силна основа за унапредување на дигиталната инфраструктура, поголема поврзаност и попристутни, поквалитетни услуги за сите. Владата останува посветена на целосна дигитализација на јавните услуги, воведување на паметни системи и градење на современа, ефикасна и транспарентна држава. Ова е чекор напред во визијата за Македонија како дигитална земја – со силна економија, модерна администрација и граѓани кои лесно, брзо и без бариери доаѓаат до услугите што им припаѓаат – изјави Христијан Мицкоски, Претседател на Владата.

„Дојче Телеком“, глобалниот телекомуникациски лидер во светски рамки е присутен во земјата преку Македонски Телеком веќе 24 години, откако владата на премиерот Љубчо Георгиевски, во која министер за финансии беше идниот премиер Никола Груевски, во 2001 година ја продаде дотогаш државната компанија „Македонски телекомуникации“ за околу 389 милиони евра (околу 600 милиони евра во денешни пари). Со контроверзната приватизација, тогашната власт практично му го предаде монополот во телекомуникацискиот сектор на германскиот гигант, преку неговата унгарска подружница Матав (денес: „Маѓар Телеком“). Македонската држава до денес е малцински акционер во компанијата и добива годишна дивиденда за својот удел.

– Ние сме присутни на македонскиот пазар повеќе од две децении, не само како оператор, туку како партнер којшто гради силна инфраструктура и дигитално општество и поттикнува прогрес за сите граѓани на оваа земја. Подготвени сме да одиме само напред, со нови инвестиции и иновации. Преку одлична соработка, заедно со Владата ќе се движиме кон истата цел – Македонија да стане водечка земја во дигитализација и клаудификација во Југоисточна Европа – изјави Тимотеус Хетгес, Главен извршен директор на Дојче Телеком.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот