Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Ќе се зголемува прагот на обесштетување во случај на пропаѓање банка

Ако пропадне некоја банка, граѓаните што имаат депозити ќе бидат обесштетени од Фондот за осигурување на депозити во поголем износ од 30.000 евра колку што е сега. Новитети има и за фирмите

Фондот за осигурување на депозити (ФОД) интензивно работи на подготовка на нова регулатива во соработка со експерти од Светската банка, со цел целосно усогласување со Директивата за гарантирање депозити 2014/49, откриваат од Фондот за „Слободен печат“. Оттаму велат дека со новата регулатива, ќе се менува прагот на обесштетување и ќе изнесува над 30.000 евра, износ што сега е во сила и кој го добиваат граѓаните од Фондот за осигурување депозити во случај на пропаѓање на некоја банка. Исто така, од Фондот изјавија и дека ќе бидат осигурени и депозитите на претпријатијата, затоа што сега ако пропадне некоја банка, тие не добиваат никакви пари од Фондот. Секако, и фирмите и домаќинствата кои имаат над 30.000 евра во пропадната банка, може да очекуваат пари од стечајната маса на самата банка.

– Прагот на обесштетување ќе се менува и ќе изнесува над 30.000 евра, а висината ќе биде определен во согласност со економската анализа и параметрите што во моментот на донесување на законот, ќе бидат најсоодветни на структурата. Депозитите на претпријатијата од приватниот сектор, во другите земји во регионот, во најголем дел се осигурени и тоа ќе биде дел од усогласувањето на Фондот со европските практики – велат од ФОД.

Според економскиот експерт Павле Гацов, износот за обештетување од Фондот за осигурување депозити треба да се подигне од 30.000 евра на 100.000 евра.

– Осигурувањето да се однесува по депозит во една банка, филијала на странска банка и штедилница пресметани по средниот курс на Народната банка на денот на конечноста на решението за одземање на лиценцата – објаснува Гацов.

Тој деновиве, како што напиша, „ја реафирмира потребата од промена на застарените правила за осигурување депозити што се најлоши на Балканот“.

– Каква акција се очекува од Владата? Да примени нови правила (реформски) за осигурување на депозитите во банките и со тоа да создаде услови за ново значајно зголемување на депозитната база на банкарскиот сектор, да ја зголеми сигурноста на депозитите и да го засили мотивот за штедење (да се извадат вишокот пари од под перници и да се стават во функција на финансискиот систем) на населението и микро и малите компании и самостојни вршители на дејност – порача Гацов.

Тој истакна дека покрај зголемување на прагот за осигурување на депозитот, неопходно е со режимот да бидат опфатени микро и малите трговци во согласност со Законот за трговски друштва и прецизираше дека под депозити (што ќе бидат осигурени) треба да се подразбираат: денарските и девизните депозити, трансакциските сметки, депозитите врзани за парични картички и девизни приливи на правните лица.

Според Фондот за осигурување депозити, и со досегашната регулатива ние сме во 90 отсто усогласени со начелата на функционирање на осигурителите на депозити по кои се води Светската банка.

– Според законската регулатива, ФОД исплаќа обесштетување на депонентите по основ на осигурени депозити од „фондот за сигурност“ што се гради од основачкиот капитал на ФОД, премиите за осигурување што задолжително ги плаќаат банките и штедилниците од банкарскиот систем во Република Северна Македонија и од приходите остварени по основ на камати од инвестирање – објаснуваат од Фондот.

Гацов смета дека со нови правила за осигурување депозити ќе се зголеми депозитната база што ќе влијае врз кредитниот потенцијал на банките, но и на зголемување на можноста државата да се задолжува на домашниот пазар.

До каде се обесштетувањата од Еуростандард?

По пропаѓањето на Еуростандард, дел од домаќинствата што пријавија депозит до 30.000 евра, парите ги добија во законскиот рок од Фондот за осигурување депозити. Но, дел од нив не ги добија затоа што користеле повластени каматни стапки, а во тој случај не им следува обесштетување. Тогаш многумина реагираа дека не им било укажано од банката дека со тоа што добиваат посебна каматна стапка, ќе го изгубат осигурувањето на депозитот. Но, граѓаните што ги користеле повластените каматни стапки, заедно со сите фирми што имале пари во Еуростандард, имаат право на обесштетување од стечајната маса на банката. Досега, според наши извори, се обесштетени околу 70 отсто од депозитите што ги имале.
Фондот за осигурување депозити, исто така, од стечајната маса си ги наплатува парите што ги дал за обесштетувањето. Тој понудил највисока цена за зградата во Еуростандард во центарот на Скопје. Така, Фондот си наплати дел од побарувањето што го има во согласност со исплатата на обесштетувањето на осигурените депозити.

 Граѓаните не повлекле 9 отсто од парите на пропаднатите банки

Од 1997 година кога е формиран Фондот за осигурување депозити, досега се исплатени 91 отсто од пресметаното обесштетување на депонентите во пропаднатите банки.
– Според досегашните наши анализи, неисплатеното обесштетување во износ од 9 проценти од вкупното пресметано обесштетување се мали депозити во висина до најмногу 1.000 денари и за нив депонентите не покажале интерес за подигнување. Нашиот Фонд е еден од најуспешните реализатори на исплата на обесштетување во регионот и во Европа според процентот на исплата – велат од ФОД.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот