Ќе се заживува „Македонско село“ – до петок ќе биде објавен оглас за нов концесионер

Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски најави дека до петок ќе биде објавен оглас за избор на концесионер на „Македонско село“. Томовски рече дека од 2019 година досега комплексот не функционира, а со самото тоа државата изгубила над 20 милиони денари за обезбедување и осигурување на објектот, како и за неплатени кирии.

-Македонско село од 2019-та година до сега не функционира и по основ на тоа што не работи, дел по основ на ненаплатена кирија, дел по основ на обезбедување и осигурување на објектот ние како држава сме изгубиле нешто повеќе од 20 милиони денари, истакна Томовски.

За информацијата дека претходниот концесионер се жалел оти не може профитабилно да работи, тој рече дека сега има многу заинтересирани да стопанисуваат со комплексот.

-Сум го слушнал тоа, но можам да кажам дека од оној момент кога кажав првпат дека сакам да заживее селото, има премногу заинтересирани. Ако него не му се исплатило, зошто би имало сега повеќе луѓе коишто се заинтересирани да стопанисуваат со тој објект. Практично, тој комплекс има 12 засебни куќарки коишто имаат сместувачки капацитет од 120 до 150 легла, имаме три ресторани, односно два ресторани и една винотека или кафе бар. Сметам дека може да биде профитабилен комплексот и претпоставувам дека затоа е и таква заинтересираноста. Она што ние како држава го правиме во моментов е проценка на тој имот. Нема да го издадеме како јавно-приватно партнерство како што тоа било во минатото – ние да одржуваме дел, а дел економскиот оператор. Практично, му даваме клуч на економскиот оператор со нашата замисла и тој стопанисува комплетно и целосно со тој објект, вели Томовски.

Според директорот на СОЗР, почетната цена за издавање би била 240 илјади денари (околу четири лијади евра), а во зависност од конкуренцијата таа сума може да порасне, а се планира да се објави во четири лота, по три-четири објекти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот