
Ќе се решава ли проблемот со градбите спорни за УНЕСКО статусот преку нивно легализирање?
Невладините организации и властите имаат дијаметрално спротивни впечатоци за тоа дали се спроведува препораката на УНЕСКО да се забрза уривањето на градбите и дивоградбите со негативно влијание во охридскиот регион и во националниот парк Галичица. Невладиниот сектор смета дека е направено малку на овој пат, а властите сметаат дека е постигнат значителен напредок.
Препорачано
Локалните и централната власт знаат меѓусебно да се обвинуваат во јавност за неисполнувањето на препораките на УНЕСКО, но нашиот став е дека кога станува збор за урбанизацијата тие се целосно усогласени – благодарение на што непречено си продолжува една од најголемите закани, критикуваат од невладината организација „Фронт 21/42“.
Актуелниот хотел во Лагадин, за кој со години не може да се дојде до конечен став за тоа дали треба или не треба да се руши – „се спаси“ од уривање, а топката за тоа кој е виновен си ја префрлаат локалната и централната власт.
Од Министерството за култура за „Слободен печат“ велат дека во Охрид во 2020/2021 година од страна на сопствениците целосно се отстранети седум објекти, а делумно се отстранети два објекти. Во истиот период, административно се отстранети осум, а делумно шест објекти. Општина Струга има отстрането 9 платформи и тераси во периодот мај 2021 до февруари 2023.
„Согласно информациите добиено од Национален Парк Галичица, тие имаат подготвено инвентар на нелегално изградени објекти на територијата на Националниот парк Галичица и истата ја имаат доставено до Општина Охрид и до Министерството за транспорт и врски. Исто така, Националниот парк Галичица има подготвено и листа на приоритетни градби за отстранување на територијата на Паркот“, велат од Министерството за култура за „Слободен печат“.
Според оваа институција уривањето на бесправните градби, како што е нотирано и во реактивните мониторинг мисии на УНЕСКО, треба да се темели и на проценка на влијание врз наследството.
„Во таа насока Министерството за култура – Националната комисија за УНЕСКО во соработка со УНЕСКО го преведе Прирачникот за процена на влијанието врз наследството во контекст на Светско наследство како значајна алатка во постапување со бесправните градби и наследството во целина. Во законската регулатива која се однесува на културното наследство не е предвидена изработка на Оцена за влијание врз наследството и токму овој прирачник подготвен од УНЕСКО и советодавните тела ќе помогне во процесот на постигнување на целите во справување со бесправните градби“, се вели во писмената изјава од Министерството за култура.
Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“ пак, смета дека врз основа на она што го увиделе на терен, не се преземени ни најмали чекори за справување со дивоградбите.
„Речиси да нема седница на Општина Охрид на која не се разгледува легализација на најмалку десетина предмети. Наместо преземање на соодветни активности, државата повторно го продолжи Законот за легализација на дивоградбите изградени пред 2011 година, а изготви нов Закон за оние изградени по 2011 година.Она што нас особено не загрижува е ставот и намерата на институциите, проблемот со дивоградбите да се реши со усвојување на нови урбанистички планови во кои ќе се вклопат бесправните објекти и со тоа веќе нема да бидат бесправни. Ваквото постапување не само што е спротивно на Препораката на УНЕСКО, туку е и прекршување на последната Одлука на Постојниот Комитет на Бернската Конвенција кој порача запирање на постапките за легализација се до спроведување на мисијата на терен и усвојување на официјални препораки кои ќе произлезат од истата“, коментираат од невладината организација.
Оттаму додаваат дека не се запознаени со отстранување на некоја поголема дивоградба освен неколку платформи во Охридското Езеро кои биле отстранети пред две години. Конкретни градби кои треба да се срушат, според здружението постојат, но решенијата за отстранување од пред неколку години не се спроведени. Дополнително и Националниот Парк Галичица има изработено табела на приоритетни градби за рушење, но некои од нив наместо да се срушат се легализирани.
Изненадувачки е, велат активистите од „Фронт 21/42“ тоа што се урбанизира брегот на струшката страна од езерото и тоа во малкуте делови кои до неодамна беа недопрена природа, вклучувајќи ја околината на Калишта, каде се наоѓаат 2 од деветте еколошки жешки точки на Охридското Езеро.
„Има големо расчистување на теренот, блиску до езерото, во областа кај Горица, за која ни градоначалникот на Охрид не знаеше да ни каже зошто е и што се планира. Дивоградбата под Самоиловите тврдини, поставувањето на плочи кај извидничкиот центар во Далјан кои се на десет метри од езеро итн. Има и градби кои имаат дозвола, која не би смеело да биде издадена ако се почитувале и спроведувале законите, велат од „Фронт 21/42“.
Тие сметаат дека е застрашувачко, што и по предупредувањето на експертите на УНЕСКО дека понатамошна крајбрежна и урбана трансформација води до точка на неповрат и локалната и централната власт одат по истиот пат.Општините продолжуваат да усвојуваат урбанистички планови, вклучително и такви со кои се предвидува урбанизација на уште речиси недопрени делови, како и урбанизација на околината на виталните еколошки жешки точки, како на пример Студенчишко Блато.
„До ден денес, ниту локалните ниту централната власт немаат донесено Одлука за мораториум како што се препорачува во Извештаите на Реактивните мониторинг мисии од 2017 и 2020 година, и покрај дополнителната законска обврска за имплементација на сите препораки која ја наметнува Законот за управување со Охридскиот Регион. Институциите тврдат дека се спречува неконтролираното градење со тоа што урбанистичките планови се наводно усогласени со Планот за управување со Охридски Регион, кој во суштина изобилува со недостатоци (кои овозможуваат понатамошна деструктивна урбанизација), а по потреба и дополнително селективно се применуваат делови од планот, со цел да се прикаже потребната „усогласеност“ и „законитост“ на одреден план или проект“, децидни се од „Фронт 21/42“.
Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков во изјава за „Слободен печат“ вели дека проблемот кој УНЕСКО го има нотирано се однесува на легализацијата на дивоградби врз основа на Законот од 2011 година и на селата и на предели подалеку од езерото.
-Кога ќе споменеме дивоградби, темата сериозно звучи и реално така е. Општината Охрид заедно со Министерството за транспорт и врски требаше да заврши регистар на дивоградби. Не е предмет дека веднаш треба да се почне со рушење. Во моментов се водат неколку процеси, за носење нови урбанистички планови, потоа во процедура во Собранието е Закон за прогласување на Студенчишко блато за парк на природата, усогласување на урбанистичките планови со планот за управување на Охрид, Агенцијата за просторно планирање требаше да заврши план за охридското крајбрежје но тоа е одложено. Кога сето ова ќе се заврши, би ги имале комплетирано сите препораки за план за управување на Охрид, како и крајбрежјето со вклученост на 50 метри од охридското крајбрежје. Кога овие работи ќе се завршат, ќе имаме комплетно усогласување на постоечките предмети за легализација. Дваесет и едно село уште немаат урбанистички планови. Кога ќе се донесат плановите, објектите каде што е возможно ќе се легализираат, а оној дел кој нема да добие легализација, односно дивоградбите – ќе бидат срушени. Не станува збор за градби изградени вчера, туку тоа се постари градби. Треба да завршат другите процеси, па што нема да може да се вклопи во урбанистичките планови ќе биде предмет на уривање и тие процеси ќе се случуваат заедно со другите институции во државата, вели градоначалникот Пецаков.
Запрашан за хотелот во близина на Лагадин против чија изградба се побунија бројни здруженија во Охрид, градоначалникот Пецаков вели дека хотелот добил одобрение за градба во 2016 година после што следувале поплаки од жителите на Лагадин и поништувања на одобренијата од страна на Општина Охрид.
-Три пати сум го поништил одобрението за градба. Четири градоначалници донеле десет решенија за прогласување на ништовност на одобрението за градба на хотелот во Лагадин но после 7 години, второстепената комисија носи мериторно решение и правосилност со што ги поништува решенијата на општина Охрид. Значи, на први март 2023 година, второстепената комисија при Министерството за транспорт и врски ја потврди важноста на одобрението. Значи четворица градоначалници десет пати го поништувале решението за градба, ама второстепената комисија при Министерството за транспорт и врски го одобрува на крај. Не можам да сфатам зошто го направија тоа, вели Пецаков.
Според него, постојат многу луѓе и организации кои силно работат на тоа Охрид да стане загрозено подрачје, што како град со 55 илјади луѓе, би било голем удар.Забележува и дека забелешката на УНЕСКО да се отстранат платформите од езерото, се почитувала во Охрид во стариот дел од градот, но не и во струшкиот дел од крајбрежјето на Охридското Езеро.
-Верувам дека УНЕСКО ќе ги цени сите работи кои се направени и ќе ни даде нов период. Доста е напредната состојбата изминатиот период со самото имплементирање на Планот за управување на Охрид од 2019, правилата за градба на згради и други објекти и правилата на урбанистичките планови. Крајната филтрација на секој таков проект ја прави Националната комисија на УНЕСКО, така што градењето е под контрола. Сега без исклучок во кој било реон од Охрид имате 50 проценти искористеност на парцелите. Во централното градско подрачје може да се гради приземје плус три ката намногу, а во следниот реон е приземје плус четири ката. Законот за Студенчишко блато е во процедура. Во стариот дел од градот ќе се унифицира просторот на улицата од плоштадот до црквата Света Софија. Тоа е се според препораките. Проектот за колекторот е готов. Го завршивме проектот за изградба на фекална канализациона мрежа. Не се легализираат објекти до 50 метри од езерото. За селата Коњско, Љубаништа и Трпејца во иднина заедно со УНЕСКО и Министерствата, би продолжиле да носиме планови за овие села, планира градоначалникот.
Пецаков бара и помош од државата, бидејќи дел од проектите кои се препораки и мерки на УНЕСКО за зачувување на статусот на Охрид се проекти кои би чинеле меѓу 12 и 15 милиони евра, а Охрид има годишен буџет од 10 милиони евра.
Со оваа сторија Слободен печат се приклучува кон кампањата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите, во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.