
Ќе се реновираат операциони сали и во ГОБ „8 Септември“ и на КАРИЛ, ама власта вели – ништо нема да им фали на пациентите
Откако Министерството за здравство најави реновирање на 10 хируршки сали на КАРИЛ одеднаш а министерот Арбен Таравари им наложи на болниците од внатрешноста да не ги праќаат пациентите за интензивна нега на КАРИЛ, денеска најавено е дека ќе се реновира и хируршкиот блок на ГОБ „8 Септември“. И покрај загриженоста дека оваа градежна експанзија и те како ќе се одрази врз пациентите, властите смируваат, реновирањето ќе оди етапно и секвенционирано, со план што наводно нема да ги афектира пациентите. Директорот на хируршката болница „Св. Наум Охридски“ доктор Небојша Настов индиректно го прекори поранешниот министер за здравство Венко Филипче затоа што тој даде изјава за „Слободен печат“ дека интензивна нега како на КАРИЛ нема никаде во државата. Доктор Настов смета дека старата градска болница и ГОБ „8 Септември“ имаат подеднакво добра интензивна нега. За разлика од него, Филипче смета дека интензивна нега на нивото на КАРИЛ има само во ГОБ „8 Септември“ и никаде на друго место во државата, особено не во болниците од внатрешноста дел од кои не ни имаат интензивна нега.
Препорачано
Запрашан дали пациентите ќе трпат бидејќи ќе се реновираат и салите на КАРИЛ и тие во ГОБ „8 Септември“ директорот Настов вели дека реновирањето ќе биде секвенционално.
– Операционите сали во Клинички центар ќе функционираат, ќе биде намален бројот на интензивните кревети. Ама вишокот пациенти што би требало да се хоспитализираат во интензивните неги ќе се прераспределува во ГОБ „8 Септември“ и во „Св. Наум Охридски“ и дел на Неврохирургија. Генерално, во ниеден момент нема да имаме две болници во кои нема ништо да функционира, дециден е директорот Настов.
Според него, персонал во „Св. Наум Охридски“ (стара градска болница) не е потребен, експертизата е доволна тврди директорот.
-Да нема нејаснотии, персонал не ни треба во дадениот момент, а и изминатите месеци кога не работеше компресорската станица во Клинички центар, во сите тие моменти успеавме да се избориме со персоналот и капацитетите што ги имаме. Комуникацијата меѓу сите нас е за да се обезбеди истиот број на кревети за интензивна нега колку што биле и на КАРИЛ пред да почне реновирањето. Само што тие кревети ќе се прераспределат. Некоректно е било кој да каже дека услугите може да се пружаат само на КАРИЛ затоа што, да не се лажеме, истите доктори, истата опрема, истиот персонал, истата едукација е и во ГОБ „8 Септември“ и во „Св. Наум Охридски“. Некоректно е да се заплашува населението дека ако не функционира КАРИЛ ќе се случат не знам какви работи во однос на пациентите, рече директорот на градската болница „Св. Наум Охридски“ доктор Небојша Настов.
Во времето кога компресорската станица на Клинички центар откажа, пациентите ги преплавија капацитетите на болницата со која тој сега раководи, но состојбата се нормализираше кога почнаа да се купуваат надворешни компресори на хируршки клиники и со нив се изведуваа операциите.
Министерот за здравство Арбен Таравари исто така упати смирувачки пораки – 3 операциони сали на Клинички центар веќе се реновирани и постојано ќе функционираат, а 10 ќе се реновираат допрва. Како едно можно решение наведе дека „на инфективната клиника до петок ќе биде пуштена нова интензивна нега“. Но, дали смее да се мешаат пациенти после операција со тие со инфективни болести останува прашање за експерти.
-Цело време сме координирани. Реновирањето ќе биде постепено и етапно. Почнуваме со КАРИЛ и целата реконструкција таму ќе трае 6 месеци. Потоа продолжуваме со реконструкција на хируршките сали на Клинички центар од 1 април до средината на јуни. Тогаш ќе почнеме реконструкција во ГОБ „8 Септември“ што ќе заврши за 3-4 месеци. Во меѓувреме екипи од градска болница и ГОБ „8 Септември“ и од Клинички центар нон-стоп ќе бидат во координација заедно со Министерството за здравство, вели Таравари.
Реновирање ќе има и во ГОБ „8 Септември“ кое што е потребно со години. Таму на секој дожд капе вода врз операционите кревети, кровот е стар и дотраен, ама со инвестиција од рекордни 12 милиони евра од ТАВ, ќе се модернизира целиот хируршки блок. Реконструкцијата и адаптацијата со опремување на оперативниот блок, интензивната нега, стерилизацијата и лабораториите е дел од договорот постигнат со компанијата ТАВ. Во ГОБ „8 Септември“ најавено е дека ќе има нова интензивна нега на 500 квадратни метри, предвидени се целосно опремени боксови за пациенти опремени со најсовремени кревети. Тие ќе бидат линиски поставени и централно ќе бидат мониторирани од страна на медицинскиот персонал. Големото реновирање предвидува и придружни простории од 800 квадратни метри и стерилизација. Најавена е и биохемиска лабораторија на 100 квадратни метри, микробиолошка лабораторија на 80 квадратни метри, лабораторија за патологија од 300 квадрати, и трансфузиона медицина. Покрај целосното санирање на кровот на болницата, ќе биде воспоставен ефикасен систем на греење и ладење на болницата, фотоволтаици на кровот на болницата.
-Целосната реконструкција и опремување предвидува целосно да се реконструира хируршкиот дел во површина од 2 илјади квадратни метри со 7 операциони сали, од кои 2 ќе бидат за абдоминална хирургија, две сали за уролошки интервенции, една сала за уво нос и грло, една за очна хирургија и првпат се воведува роботска хирургија, нешто што сме го гледале само во странство. Во октомври треба да имаме целосно реконструирана болница од голем бенефит на граѓаните, најави министерот за транспорт Александар Николоски.
Како што веќе објави „Слободен печат“ уште од јули 2018 година здравствените власти биле свесни за состојбата со хируршкиот блок во ГОБ „8 Септември“ затоа што тогаш првпат во Министерството за здравство бил понуден проект за целосно реновирање на оперативниот блок, кој никогаш не бил спроведен.Во проектот зацртани биле нови хируршки сали, нова просторија за интензивната нега со 16 кревети, простории за персонал и администрација, придружни простории и технички простории. Овој план наместо да се реализира, остана само желба, а инфраструктурно оперативниот блок остана да биде тој од 1972 година кога е изградена самата зграда.
Желба остана и доградувањето на операциони сали во старата градска болница „Св. Наум Охридски“ во центарот на Скопје. Идејното решение не е спроведено.
ДОКУМЕНТИ: Ганц нови хируршки сали во ГОБ „8 Септември“ останаа само желба