
Ќе се откажат ли советниците на Карпош од едногодишен паушал за да го помогнат општинскиот буџет?
На седницата на Советот на Општина Карпош која ќе се одржи в петок, советниците треба да донесат одлука со која ќе се откажат од надоместокот за присуство на седници во период од една календарска година.
Препорачано
Како што е наведено во Предлог – одлуката, чиј предлагач е советникот Владимир Бислимовски од СДСМ, членовите на Советот, доколку ја изгласаат одлуката, се согласуваат да се откажат од надоместот што Општината го исплаќа месечно, во период од една календарска година, почнувајќи со исплата на паушалот за јули 2022 година, заклучно со јуни 2023 година.
Советот овие средства би ги отстапил на Општина Карпош со цел да го помогне општинскиот буџет кој, како што се вели, е во незавидна положба, а би се намениле за покривање на приоритетни трошоци на општината.
Во образложението на предложената одлука се вели дека на претходната седница на Советот, во дискусијата за Предлог- иницијативата да се донесе одлука со која престојот и исхраната на децата во градинките „Орце Николов“, „Мајски Цвет“, „Распеана Младост“ и „Пролет“ ќе бидат ослободени од партиципација, членот на Советот Владимир Бислимовски дал ваков предлог.
Иницијатива е одлична, се работи за 3 500 000 денари треба да се најдат од некаде за да се покријат тие трошоци, ова не е само за 9 месеци туку за 12 месеци. Ајде и ние како советници да помогнеме, наредната седница ќе предложам иницијатива сите ние од тука да се откажеме од едногодишен паушал и да помогнеме дали за училишта, за возило или за еднократна помош. Ќе ве замолам наредниот пат кога ќе имаме седница да го усвоиме овој предлог – рече Бислимовски на десетата седница на Советот на Општина Карпош.
Одлуката за која треба да се изјаснат советниците во петок, како што е наведено во образложението, е изготвена врз основа на иницијативата на Бислимовски.