
Ќе се одзема концесијата за каменоломот во Страчинце
Министерството за животна средина и просторно планирање ја одзема концесијата за каменоломот во Страчинце.
Препорачано
Одлуката следи по протестите на жителите на ова скопско село кои се против започнувањето со работа на каменоломот, кој се наоѓа во нивната близина. И како што е вообичаено пред избори, се решаваат сите проблеми на граѓаните, кои инаку не би се решиле.
Првиот вицепремиер, министер за животна средина и просторно планирање и кандидат за градоначалник на Чаир, Изет Меџити, синоќа го посети Страчинце и се сретна со жителите на ова населено место, при што ги информираше дека министерството со кое раководи донело негативна одлука за барањето за отворање каменолом.
Тој вели дека оваа одлука била резултат на континуираната загриженост на жителите и анализите спроведени од надлежните институции за негативното влијание што би го имала ваквата активност, особено во услови на поплави, но и врз здравјето и животот на жителите.
-Ова е долгоочекувана вест за жителите на Страчинце, кои со години се загрижени за можните последици од каменоломот врз животната средина и нивните животи, изјави Меџити, додавајќи дека дозволата за работа била издадена пред неколку години од претходните влади.
Следниот чекор, според него, е конечно поништување на концесијата, што е предвидено да се разгледа на наредната седница на Владата.
Меџити дури најави и повторно пошумување на овој регион.