
Ќе се ангажираат 85 медијатори за помош на учениците Роми во основните и средните училишта
Од Министерството за образование и наука информираат дека е објавен конкурс за вработување едукативни медијатори, чија цел е да го поддржат образованието на учениците од ромска националност за академската 2025/2026 година. Предвидено е ангажирање на 85 луѓе, од кои 50 медијатори за основно и 35 за средно образование.
Препорачано
Од МОН потенцираат дека ова претставува дополнителна помош за учениците Роми кои доаѓаат од социјално загрозени домаќинства и/или се подолго време исклучени од образовниот систем.
„Улогата на образовниот медијатор е да помогне и преземе активности за подобрување на информираноста за можностите и пристапот до училиштата, спроведува редовни средби за сензибилизација на населението и вработените во основното училиште со спецификите и потребите на ранливите групи во делот на образованието, редовно соработува со стручните соработници и наставниците за подобрување на постигањата на учениците, презема активности за намалување на напуштањето на воспитно-образовниот процес на учениците“, се вели во известувањето од МОН.
Во огласите се прецизирани критериумите за аплицирање за едукативни медијатори за Роми, нивните работни задачи и одговорности во врска со образовната инклузија на ромските ученици, како и потребните документи кои треба да бидат доставени заедно со апликацијата.
За работата на ромските образовни медијатори предвиден е месечен надоместок од 20.000 денари, за времетраење од најмногу три месеци во текот на 2025 година и седум месеци во текот на 2026 година.
Кандидатите кои ги исполнуваат условите дефинирани во двата јавни конкурса (за основно и средно образование) треба да пополнат електронска пријава и да ги прикачат потребните документи преку платформата за е-услуги, во периодот од 1 август до 1 октомври 2025 година, без потреба од физичко доставување до Министерството.