
Ќе одговараат полицајците кои го прикриваа братот на градоначалникот Стефковски, МВР тврди дека на своја рака набедиле друг човек
МВР соопшти дека е поднесена кривична пријава против двајцата полицајци кои преку фалсификат се обидоа да прикријат сообраќаен прекршок сторен од Далибор Цветковски, брат на градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски. Полицајците, кои со радар измериле многу поголема брзина од дозволеното кај автомобилот на Стефковски, иако го запреле, не го казниле, а казната му ја напишале на друг возач, кој немал врска со конкретниот прекршок, но им бил познат од претходно како чест извршител на прекршоци, велат од МВР.
Препорачано
Случајот неделава го откри опозицискиот СДСМ, кој објави и видеоснимка од, како што го нарече, „дивеењето“ на братот на градоначалникот по скопските улици. Од партијата тогаш тврдеа дека Стефковски се јавил по телефон на „некој од МВР“, кој потоа им се јавил на полицајците и им наредил да го пуштат братот на Бобан Стефковски, а казната да му ја напишат на некој друг.
Откако се откри скандалот, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски призна дека тоа се случило, но не кажа ништо за телефонското јавување кај функционер на МВР за кое обвини СДСМ. И од денешното полициско соопштение произлегува дека двајцата полицајци тешкиот фалсификат го извршиле самоиницијативно, на своја рака.
Кривична добија Д.К., помлад полицаец и Б.Д., полицаец за безбедност на патниот сообраќај во Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје.
„Пријавените како службени лица – полициски службеници на 20.04.2025 година со намера да го спречат и отежнат докажувањето, прикривале и фалсификувале документи што може да послужат како доказ во постапка пред суд или друг орган надлежен за водење на постапка уредена со закон, на начин што првопријавениот издал прекршочен платен налог и записник за сторен сообраќаен прекршок на име на лице од Скопје за сторен прекршок, а потоа за да го прикрие прекршокот на лицето, ги преправил и фалсификувал прекршочниот платен налог и записникот за сторен сообраќаен прекршок на начин што на вториот примерок врз податоците нанесени со индиго од првиот примерок со пенкало ги внел податоците од друго лице од Скопје, иако ова лице воопшто наведениот ден не го контролирале ниту од нивна страна било запрено за сторен прекршок, а кое од претходно им било познато како чест извршител на сообраќајни прекршоци“, велат сега од МВР.
„Второпријавениот, како одговорен на патролата, иако знаел дека првопријавениот констатирал прекршок на лице од Скопје, а потоа на прекршочниот платен налог и записникот за сторен сообраќаен прекршок врз податоците на лицето сторител на сообраќајниот прекршок ги внел податоците на друго лице, му помогнал до го изврши кривичното дело, со тоа што во пополнувањето на прегледот на контролирани моторни возила и на извештајот од 20.04.2025 година за радар ги внеле податоците на сторителот на сообраќајниот прекршок, а потоа откако првопријавениот ги фалсификувал и преправил наведениот налог и записник, врз податоците на сторителот на прекршокот ги внеле податоците на друго лице и вака преправениoт преглед на контролирани моторни возила и извештај од 20.04.2025 година за радар, по завршувањето на работните задачи, ги приложиле заедно со наредбата за вршење дејност во Одделението за безбедност на патниот сообраќај Скопје“, пишува во соопштението.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против двајцата полицајци ќе поведе и предлог за постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителна мерка за отстранување од работно место – суспензија до завршување на дисциплинската постапка.