Фото: МИА

Ќе нема кој да работи во текстилните фабрики, се жалат работодавачите

Во последните 15 години бројот на текстилни работници не бил помал, вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи

Во текстилниот сектор за 14% е намален бројот на работници во текот на оваа година, покажуваат анализите на Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.

Димитров посочува дека во изминатите 15 години ова е најголемиот пад на вработени во овој сектор. Причината е што кризата во Германија се рефлектира врз работата на македонските текстилни компании, кои традиционално се поврзани со овој пазар и со нарачките од партнерите. Излезот од кризата тој го гледа во крајот на војната во Украина и враќање на оптимизмот на германската економија, пренесе МИА.

„Вкупниот број на работници го достигна минимумот за последните петнаесет години, значи помалку од 30.000 работници. И мислам дека додека состојбата во Германија не се поправи, додека оптимизмот кај тие граѓани не се поправи, да не мислат на скривници, на заштита од нуклеарен напад, мислам дека состојбата наредната година би се влошила уште повеќе“, вели Димитров.

Според Димитров, кредитите од унгарскиот заем се стимул за стопанството во делот на инвестициите. Додека за текстилниот сектор поволностите од кредитите можат да ги искористат компаниите кои произведуваат работна облека, додека оние кои шијат лон и се во делот на модната индустрија, се соочуваат со намален обем на производството.

„Ако се земе во предвид каматната стапка, тоа се поволни кредити. Дел од текстилната индустрија која произведува репроматеријали или работна облека, ќе искористи дел од тие кредити. Се разбира, имаме гранки кои се во подобра состојба и се надевам дека ќе ги искористат овие можности. Сакам да кажам дека како идеја е одлична“, вели Димитров.

Прашан кога ќе се одржи Економско-социјалниот совет, Димитров одговори дека се очекува на почетокот на декември. На седницата освен точката за минималната плата, која е предлог на Сојузот на синдикатите на Македонија, од страна на бизнис секторот ќе се бара и да се стават и други точки, а тоа се барањата за прочистување на списокот на невработени, законски измени за пензионерите кои сакаат да работат, како и за потрошувачката кошничка.

Димитров смета дека доколку потрошувачката кошничка ја објавува Државниот завод за статистика, таа „ќе биде многу пореална и врз критериуми кои се прифатени од Светска банка“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот