
Ќе мрднат ли конечно работите: „Течат“ два тендера за булеварот Македонија, се бараат изведувачи за две фази
Во ниедна од јавните набавки не се спомнува поврзувањето со подземната улица, која ја градеше „Лимак“ и која на двата излеза треба да заврши со кружни текови, од кои оној кај поранешниот НИП треба да биде „турбо“ кружен тек.
Пред речиси една година Град Скопје најави дека почнува првата фаза од изградба на булеварот Македонија, еден од најголемите сообраќајни проекти со кој треба да се растовари сообраќајниот метеж во централното градско подрачје, особено на улиците Јордан Мијалков, Павел Шатев, Свети Кирил и Методиј и на булеварот Кочо Рацин.
Препорачано
Градското раководство започнува со изградба на сообраќајницата на потегот од Тутунски комбинат во Кисела Вода која завршува во централното градско подрачје, и во првата фаза опфатени се булеварот и три крстосници, првата меѓу булевар Крушевска Република и улица 11 октомври, втората меѓу булевар Борис Трајковски и булевар Македонија и третата на двата краци на булевар Македонија кон втората фаза од булеварот кои се поврзуваат со подземната сообраќајница кај „Лимак“ – информираа од Град Скопје.
Оттогаш досега од Градот нема информација како се одвиваат градежните активности и до каде е стигната најавената изградба, а на терен и нема што многу да се види. Но, на Електронскиот систем за јавни набавки во тек се два јавни огласи поврзани со булеварот Македонија и тоа за изградба на фаза 2 и фаза 4.
Како што е наведено во тендерската документација изградбата ќе се реализира врз база на Основниот проект за булевар Македонија, потег од раскрсница со улица Митрополит Теодосиј Гологанов со раскрсница со улица 11-ти Октомври и улица Борис Трајковски – Фаза 2, од раскрсница со булевар Кочо Рацин и улица Павел Шатев, проектиран од Друштво за инженеринг и консалтинг „Чакар-партнерс“ ДОО од Скопје.
Заинтересираните фирми понудите треба да ги достават во Град Скопје најдоцна до 31 јануари, до 10 часот, кога ќе се одржи јавно отворање на понудите, при што, како што е наведено, критериум за доделување на договор ќе биде најдобриот сооднос помеѓу цената и квалитетот.
Во тендерот се посочува дека носителот на набавката е должен да ги изведе работите што се предмет на набавка согласно техничката спецификација во рок од 940 календарски дена сметано од денот на доставен писмен налог за воведување во работа. Притоа, тој треба да гарантира за квалитетот на извршените градежни работи за период од најмалку три години сметано од техничкиот преглед. Во тој период изведувачот е должен на свој трошок да ги отстрани, поправи или замени неквалитетно изведените градежни работи.
Еден од условите за склучување на договор е и потенцијалните фирми и изведувачи да имаат остварено минимален годишен приход од 350 милиони денари во секоја од изминатите три години поединечно, односно во 2021, 2022 и 2023 година, но и да располагаат со потребната механизација и професионален кадар за успешно завршување на работата.
Тендерот за изградба Фаза 4 од булеварот, пак, трае до 16 јануари, кога ќе бидат јавно отворени пристигнатите понуди, а се однесува на изградба на потегот од раскрсница со булевар Кочо Рацин до раскрсница со улица Мајка Тереза и булевар Климент Охридски. Градежните работи, како што е наведено треба да завршат во рок од девет месеци, исто така со гаранција од три години.
Во ниедна од јавните набавки не се спомнува поврзувањето со подземната улица, која ја градеше „Лимак“ и која на двата излеза треба да заврши со кружни текови, од кои оној кај поранешниот НИП треба да е „турбо“ кружен тек.
Градоначалничката Данела Арсовска за ова последен пат попрецизно објасни на брифингот одржан пред две години, кога информира дека од едната страна кај Тутунски комбинат треба да има булеварско решение со еден кружен тек, а од страната на „Нова Македонија“ треба да има огромен турбо кружен тек, на нивоа, со чија изведба во централното градско подрачје сообраќајот ќе тече брзо и без застој.
Почнавме со решавање на првата и на втората фаза што е влезот во суштина, таму имаше експропријации, некои од институциите требаше да си извршат дислокации на нивна инфраструктура. Веќе успеавме со нив да се договориме, имаше имотноправни проблеми со три сериозни објекти, најдовме некој заеднички начин за да не одиме во судски постапки што долго траат и тука веќе почнуваме со првите две фази. А од другата страна, каде што е „Нова Македонија“, проблемот се бараките на компјутерскиот центар на Македонски железници. Самите бараки не се толку проблем, но тоа внатре што го имаат, опрема и инсталации, е нешто што не треба да прекине – рече тогаш Арсовска и додаде дека откако ќе се пресели компјутерскиот центар, следниот чекор ќе биде објавување тендер за изведувач, затоа што другото, како што нагласи, било завршено и биле обезбедени средства за првата и за втората фаза.
Кога ќе почне изградбата, Арсовска не кажа, но како што рече тогаш, откако ќе почне да се гради, ќе треба минимум две години за да се изгради, особено кружниот тек кај „Нова Македонија“, кој е проект голем како клучката кај Момин Поток, од аспект на инфраструктура, статика и друго.
Сега се чини работите малку се помрднаа од „мртва“ точка, иако според она што се случуваше во изминатите години никој не се осмелува да прогнозира кога сето тоа што е нацртано во проектот за булевар Македонија ќе се реализира на терен. Но, дека сепак нешто се планира говори и информацијата дека Град Скопје неколкупати не дава позитивно мислење на Општина Центар за изградба на уште една монтажна гаража во продолжение на постојната покрај улицата Народен фронт, со образложение дека ќе пречи на новиот булевар што треба да поминува токму тука.
Ексградоначалникот Петре Шилегов на крајот на својот мандат го најавуваше овој голем проект, со три поврзувања и три кружни текови. Според неговите очекувања, поврзувањата со подземната улица требаше да бидат готови минатата година.
Сите кружни текови за излез и влез во подземната сообраќајница се проектирани и догодина ќе ги распишеме тендерите за изведувачи. Очекувам паралелно со завршување на градежните работи за подземната улица, во 2023 година да бидат и тие готови. Според првичните процени, ќе чинат околу 22 милиони евра – изјави Шилегов во 2021 година.