
Ќе може да се зема во исто време и пензија и плата – донесен е нов закон
Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ вели дека можноста за ангажирање пензионери во работен однос „од зачетокот на независноста е барање на работниците и работодавачите“
„За првпат во историјата на Македонија се усвои Закон за работно ангажирање на лица, на барање и на работниците и работодавачите, објави денеска Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Препорачано
„Работно ангажирано лице согласно овој закон, може да биде: лице кое не е во работен однос; вработено лице; самовработено лице; лица помлади од 18 години кои согласно општите прописи од работните односи ги исполнуваат условите за засновање на работен однос; студенти; корисник на семејна и старосна пензија, со исклучок на корисници на семејна пензија по основ на неспособност за работа и самостоен живот и странец кој има регулиран престој согласно закон“, изјави тој.
Согласно новото законско решение, луѓето кои ќе бидат ангажирани за работа по некои од овие односи, нема да ги загубат стекнатите права по другите односи, вели Мицевски.
„На овој начин ќе имаме граѓани кои ќе можат дополнително да заработат, држава која ќе наплати повеќе давачки и работодавачи кои ќе можат да ангажираат повеќе работници. За првпат во историјата на Република Македонија се усвои еден ваков закон кој од зачетокот на независноста е барање на работниците и работодавачите“, објави Мицевски.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на денешната собраниска седница рече дека законското решение ќе биде поддржано со „грант од 200 илјади евра од германска институција“.
„Од него сите ќе имаат полза – и државата која ќе го полни буџетот, работодавачите кои ќе можат да најдат вработени и граѓаните кои ќе имаат можност да работат и да бидат платени и да се ангажираат во делот што го сакаат. Предност ќе имаат угостителство, земјоделството и услужната дејност кои имаат недостаток на вработени, а доколку ги прошириме дејностите, може да се направи дисбаланс на пазарот на трудот. Ќе можат да работат студенти, пензионери, социјално загрозени лица, со што согласно закон не им се прекинува правото кое го имаат на пензија, на социјална помош, на студирање, а ќе може да бидат ангажирани и средношколци“, рече Стојаноски.
Стојаноски рече државата ќе им ги плати давачките, пензиското и здравствено осигурување. На овој начин нови 30 илјади вработени ќе бидат ставени во системот.