СДСМ партиска зграда/ Фото: "Слободен печат", Драган Митрески

Ќе изненади ли Филипче со кандидати за градоначалници за Кичево и за Струга?

Ќе имаме уште еден состанок, ќе помине тоа што ќе одлучи мнозинството. И за Струга, како за Кичево, група наши луѓе бараат наш кандидат, вели функционерот.

СДСМ можно е да изненади и во Кичево и во Струга да истрча со свои кандидати за градоначалници, иако првичната позиција беше во некои општини со мешан етнички состав и со доминантно албанско население социјалдемократите да не номинираат кандидати. Одлуката треба да падне викендов, по состанокот на партиските органи, откако ни на вчерашниот состанок немало консензус како да настапат во тие две општини на локалните избори на 19 октомври, брифира за „Слободен печат“ висок функционер на СДСМ.

Тој додава дека преостанатите кандидати се дефинирани и чекаат да поминат на Извршен.

– За Кичево се поделени ставовите помеѓу наш кандидат и поддршка на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, лекарот Александар Јовановски. Вчера имавме состанок, но не се постигна консензус. Ќе имаме уште еден состанок, ќе помине тоа што ќе одлучи мнозинството. И за Струга, како за Кичево, група наши луѓе бараат наш кандидат – вели функционерот.

Претседателот на СДСМ Венко Филипче за „Слободен печат“ открива дека новинарката Катерина Цаневска ќе биде номинирана за носителка на листата на СДСМ на Советот на Град Скопје, каде. пак, кандидатка за градоначалничка е ексминистерката за екологија Каја Шукова.

Катерина Цаневска – носител на советничката листа на СДСМ за Град Скопје

Движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски вечерва треба да пресече дали во некои општини ќе оди со свои кандидати, откако поддршка од владиниот партнер ВМРО-ДПМНЕ доби само за кандидатурите за градоначалници во Куманово ( Максим Димитриевски) и во Центар (Мирослав Лабудовиќ). Неофицијално, пропаднал обидот да го убедат ВМРО-ДПМНЕ за поддршка на нивниот предлог- кандидат за Старо Нагоричане. Според наши информации, за таа општина можно е ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи кандидатот на партијата на Драгиша Милетиќ.

По одржувањето на седница на највисоките тела на Движењето ЗНАМ, ќе биде соопштен ставот за кандидатите за градоначалници за другите општини, рече Димитриевски.

Максим Димитриевски/Фото: Слободен печат

– Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на нашите коалициски партнери коишто јавно и отворено на политичкиот субјект од којшто доаѓам, движењето ЗНАМ-За наша Македонија, дадоа јавна и отворена поддршка на нашите кандидати во овие две општини. Што се однесува до остатокот и одговорот на вашето прашање, денеска движењето ЗНАМ ќе одржи седница на највисоките органи на партијата и потоа ќе излезе со свој став во јавноста – рече Димитриевски на денешниот отчет во Куманово.

И Левица објави номинации за градоначалници за некои од скопските општини, откако претходно ја објави кандидатурата на Амар Мециновиќ за градоначалник на Скопје.

Фото: levica.mk

Поранешниот декан на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ при УКИМ во Скопје, проф. д-р Јане Ацевски, е кандидат за градоначалник на Општина Кисела Вода. Адвокатот Александар Димитријевиќ е кандидат за Ѓорче Петров, актуелниот директор на КИЦ Скопје Антонио Димитров – за градоначалник на Општина Карпош, кандидат за градоначалник на Општина Гази Баба е Златко Тренчевски, металуршки инженер, а економистот Маријан Димитриев е кандидат за градоначалник на Општина Аеродром.

ВМРО-ДПМНЕ пак, треба да пресече за уште шест номинации за градоначалници, меѓу кои за Кочани, Кисела Вода и Македонска Каменица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот