КПУ Затвор Скопје/Фото: МИА

Ќе има ли амнестија за прекршителите на ковид мерките?

Поделени се ставовите на пратениците од владејачкото мнозинство дали треба да се донесе закон за амнестија за прекршителите на ковид мерките. Неофицијално, станува збор за околу 3.500 случаи на лица кои се осудени на високи парични казни поради непочитување на ковид мерките за време на пандемијата, а околу 90 отсто од нив се социјални случаи.

Пратеничката група на СДСМ и коалицијата денеска се координираше, но се уште нема договор дали до Собранието ќе достави предлог закон за амнестија. Дилемите на парламентарното мнозинство се каков ефект ќе предизвика амнестијата за прекршителите ако има нова епидемија или пандемија и како во таков случај ќе се бара од граѓаните да ги почитуваат мерките за сузбивање на заразата. Втората дилема е зошто судот дозволил голем број од прекршителите на ковид протоколите, наместо парично, казната да треба да ја одлежат во затвор. Отпор за тоа што би предизвикала амнестијата има особено кај пратениците-лекари.

Претседателот на државата Стево Пендаровски е за системско решение за таа категорија  граѓани.

„Претседателот Пендаровски поддржува донесување на закон со кој прашањето за прекршителите на ковид протоколите ќе се реши системски“, велат од Кабинетот на шефот на државата.

Ова би значело дека нема да се оди на поединечно помилување на прекршителите, туку со амнестија.

„Слободен печат” веќе објави дека веднаш по Нова година зад решетки се најдоа околу 80-тина граѓани токму по таа основа.

Од СДСМ велат дека ако се усогласат, предлог законот ќе биде именуван како амнестија за прекршителите на ковид протоколите, но всушност ќе значи преиначување на паричната и затворската со условна казна. Законот би ги опфатил само физичките лица. Тој нема да важи за рестораните, кафулињата, фирмите и за другите правни лица кои ги прекршуваа ригорозните ковид протоколи.  Граѓаните кои веќе ги платиле казните, нема да им се вратат парите. Ако предлог законот добие виза од власта, мнозинството поддршка ќе побара и од опозицијата, а предлог законот ќе се носи по скратена постапка.

Од СДСМ стравуваат и дека ако предложат закон за амнестија за прекршителите на ковид мерките, повторно опозицијата ќе го актуелизира барањето за амнестија за „27 април“.

Согласност да се амнестираат непочитувачите на ковид протоколите нема ни од дел од коалициските партнери на СДСМ. Претседателката на ЛДП и пратеничка, Моника Зајкова, за „Слободен печат” вели дека нејзин личен став е дека не треба преку законско решение да се наметнува принципот на неказнивост.

„Огромен број граѓани за време на ковид пандемијата ги почитуваа мерките. Ако се амнестираат прекршителите на ковид протоколите при некои идни нови мерки граѓаните ќе нема начин како сериозно да ве сватат за да ги почитуваат. И во време на ковид пандемијата селективно важеа мерките, бидејќи имаше општини во кои не се почитуваше целосно полицискиот час. Затоа не треба кривично да ги гониме, но може да се помине со прекршочна санкција за да не се предизвика систем на несанкционирање, нееднаквост или селективна правда“, вели Зајкова.

Слични дилеми има и претседателката на ДОМ и пратеничка Маја Морачанин. Таа вели дека прво сака да ги слушне аргументите зошто треба амнестија за таа категорија граѓани и второ – како се стасало до ситуација голем број од прекршителите наместо  парично да одговараат, да треба да одат во затвор.

„За време на пандемијата се инсистираше на строго почитување на мерките. Ако се донесе амнестија, како во иднина при епидемија или пандемија сериозно ќе бидат сфатени мерките кои би се донеле. И второ, сакам да слушнам аргументи како правосудството се довело во ситуација толку многу прекршители воопшто да не поднеле жалба, да не оотишле во суд и да платат парична казна и сега да мора да одат во затвор. Ако судот донел таква одлука тогаш судот треба да го остават надвор од Парламентот. Излегува дека гршките на судот сега Парламентот треба да ги исправа. Не велам дека тие луѓе треба да одат во затвор, може не се јавиле во суд оти повеќето биле социјални случаи, но да ги слушнеме аргументите“, вели за „Слободен печат” Морачанин.

Според податоците на Основен кривичен суд Скопје, лани 138 лица кои биле правосилно осудени на парична казна по член 206 од Кривичниот законик за „непостапување според здравствени протколи за време на пандемија“. Откако не ја платиле досудената казна, паричната казна им е заменета со затворска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!