
Кинез добил бели дробови од свиња – прва таква трансплантација во историјата
За првпат во историјата, хирурзи од Кина успешно му пресадиле на човек бели дробови од генетски модифицирана свиња, што претставува огромен чекор во децениските истражувања за ксенотрансплантација – пресадување органи помеѓу различни видови.
Препорачано
Научниците од Медицинскиот универзитет Гуангжу во Кина велат дека нивната работа е првиот документиран пример за трансплантација на бели дробови од разни видови, пренесуваат светските медиуми.
Белите дробови му биле пресадени на 39-годишен маж, кој бил прогласен за клинички мртов по мозочен удар. Органот останал функционален девет дена, демонстрирајќи го потенцијалот за идна употреба на свински бели дробови кај луѓето.
Ова истражување покажува дека свинските бели дробови може да ги одржат виталноста и функционалноста во човечкото тело, иако од употребата на животински органи кај живи пациенти сме веројатно далеку неколку децении.
Белите дробови на кинеската свиња „Бама сјанг“ беа генетски модифицирани со CRISPR-технологијата за да се отстранат антигените што би можеле да предизвикаат отфрлање од страна на човечкиот имунолошки систем. CRISPR е иновативна, но контроверзна метода, што прави прецизни сечења во ДНК, а потоа користи природни процеси на поправка на ДНК за да ги модифицира гените на посакуваниот начин.
Потоа белите дробови на свињата биле трансплантирани кај човек што бил прогласен за мозочно мртов. Ваквите пациенти законски се сметаат за починати, иако машината за дишење ги одржува срцето и белите дробови во функција. Имунолошкиот систем на примателот не ги отфрлил веднаш свинските бели дробови, но знаци на оштетување биле забележани уште 24 часа по трансплантацијата, а знаци на отфрлање органи се појавиле на третиот и на шестиот ден. Поради ова, експериментот бил прекинат на деветтиот ден.
Оваа техника е дел од поширок тренд во медицината, каде што бубрегот, срцето и црниот дроб на свињите претходно биле трансплантирани на луѓе. 53-годишната Тована Луни од САД е примателот на свински орган кој живеел најдолго со генетски модифициран бубрег. Нејзе во април годинава ѝ беше отстранет бубрегот, откако откажа по повеќе од 130 дена.