
Киев се спрема да ја забрани Украинската православна црква
Можната забрана се однесува на една од двете ривалски православни гранки во Украина и уште еднаш ја нагласува турбулентната улога на религијата додека земјата се брани од руската инвазија.
Украинската влада објави дека една гранка на Православната црква не успеала да ги прекине своите долготрајни врски со Москва и дека наскоро може да биде забранета, објави Асошиејтед прес.
Препорачано
Можната забрана се однесува на една од двете ривалски православни гранки во земјата и уште еднаш ја нагласува турбулентната улога на религијата додека Украина се брани од руската инвазија. Православието е мнозинска религија и во Русија и во Украина и служи како културно и духовно бојно поле паралелно со пошироката војна.
Овој потег доаѓа една година по одлуката на украинскиот парламент да ја забрани Руската православна црква со седиште во Москва поради нејзината силна поддршка за руската инвазија на Украина.
Законот овозможи и забрана на која било организација поврзана со Руската црква. Веднаш потоа следуваше владина истрага за Украинската православна црква (УПЦ), која со векови имала врски со Москва.
УПЦ и врските со Москва
УПЦ ја осуди целосната руска инвазија од самиот почеток во 2022 година. Истата година ја прогласи својата независност од Московската патријаршија, а таа позиција ја повтори и во 2025 година.
Сепак, владата вели дека УПЦ одбила да ги преземе потребните чекори, како што е ревидирање на нејзините управувачки документи, за да го заврши целосно процесот на раздвојување.
Наредбата конкретно ја таргетира „Киевската митрополија“ на УПЦ – суштинскиот управен центар. Таа е предводена од митрополитот Онуфриј, епископ на кого Украина веќе му го одзеде државјанството. Според законот, и другите ентитети поврзани со УПЦ, како манастири и епархии, би можеле да се соочат со исти санкции.
УПЦ во 2022 година изјави дека е независна од Москва и почна да презема симболично важни чекори за да го нагласи тоа, како што е одбивањето во литургиите да се споменува московскиот патријарх Кирил. Кирил е жесток поддржувач на руската инвазија и претседаваше со црковен собор во 2024 година што ја нарече „света војна“.
На почетокот на оваа година, Државната служба за етнополитика и слобода на совест (DESS) ја повика УПЦ да преземе дополнителни чекори за да ја покаже својата целосна независност од Москва. Тоа вклучувало и документи со кои се изразува противење на преземањето на црквите на УПЦ во руско-окупираните територии од страна на Руската црква.
Онуфриј одбил, велејќи дека претходните декларации за независност се доволни. Владата не се согласила.
„Ова не е верска организација, туку гранка на држава-агресор,“ стоеше во наслов на веб-страницата на DESS.
„Владата намерно го игнорира раздвојувањето од Москва“
Адвокатот на УПЦ, Роберт Амстердам, во изјава рече дека заклучокот на владата „намерно го игнорира“ раздвојувањето од Москва „и практичните чекори преземени за да се докаже ова, вклучително и отворањето парохии во странство за украинските бегалци, што е јасен знак на независност“.
Тој ја обвини владата за политички мотивиран обид „да ја исчисти земјата од независни институции“.
Одделно, владата покрена кривични постапки против бројни свештеници на УПЦ, обвинувајќи ги за соработка со Русија или слични дела.
Мал број Украинци се изјасниле дкеа припаѓаат во УПЦ
Околу 70% од Украинците се православни, според анкета на Киевскиот меѓународен институт за социологија во 2024 година.
Само мал број се изјасниле дека припаѓаат на УПЦ, иако во анкетата таа е опишана како дел од Московската патријаршија – ознака што УПЦ ја оспорува. Сепак, УПЦ сè уште управува со многу парохии и манастири во Украина.
Повеќето од православните испитаници изјавиле дека се идентификуваат со ривалската јурисдикција – Православната црква на Украина, која доби признавање како независна црква во 2019 година од патријархот Вартоломеј од Цариград.
Иако Вартоломеј се смета за „прв меѓу еднаквите“ меѓу православните патријарси, тој нема власт како папата во Католичката црква. Москва жестоко го оспорува неговото право да признае црква на територија што таа ја смета за своја. Руските лидери дури и наведоа дека овој раскол, и американската поддршка за новата црква, помогнале да се испровоцира тековната војна.
„Русија останува најголемата закана за верската слобода во Украина“
Долготрајниот спор околу УПЦ влијаеше и врз дебатите за американската помош за Украина, особено со новата администрација на претседателот Доналд Трамп, која има поскептичен став кон таа помош. Противниците на помошта ја обвинуваат Украина дека ја ограничува верската слобода.
Комисијата на САД за меѓународна верска слобода во 2024 година изрази загриженост за законот што забранува религиски групи поврзани со Москва, но потенцираше дека Русија останува најголемата закана за верската слобода во Украина, со оглед на репресиите во окупираните украински територии.
Извештај на Канцеларијата на високиот комесар за човекови права на ОН од 2024 година, исто така, го критикува законот, велејќи дека може целите верски заедници да бидат одговорни за постапките на поединци. Во извештајот се посочува и дека Русија наметнува ограничувања на верската слобода во окупираните подрачја, таргетирајќи групи како католици, муслимани и Јеховини сведоци.
Контроверзии поврзани со војната влијаеле и врз православните заедници во САД, како што беше контроверзната средба на еден архиепископ од Алјаска со рускиот претседател Владимир Путин во август.