Германија Белгија поплави
Фото: EPA

Катастрофа која можеше да помине без човечките жртви – Германија затаи со поплавите како и со пандемијата

Додека во Германија се расчистуваат последиците од големите поплави и се бројат мртвите и исчезнатите, во јавност излезе информацијата дека властите во оваа земја биле благовремено предупредени за опасноста од големи поплави и тоа од страна на европските метео институции.

Според британската експертка за поплави Хана Клок од универзитетот Рединг Европскиот систем за рано предупредување за поплави – „Ефас“, ја предупредил Германија неколку дена пред почетокот на поплавите.

-Првите навестувања дека се подготвува катастрофа на Германија и се упатени девет дена пред излевањето на реките, а 24 часа пред тоа, Германија доби прецизни податоци дека ќе дојде до поплави, рече Клок, професорка по хидрологија, за „Тајм“.

Според неа Германија 24 часа пред излевањето на реката Ахр била предупредена за таа веројаност. Нереагирањето во тоа подрачје го платија со 100 човечки животи.

Германија поплави
EPA-EFE/SASCHA STEINBACH

Покрај тоа, германските власти добиле и детални дијаграми за тоа кои подрачја се најзагрозени, тврди таа.

– Добија предупредување и требаше да го разберат тоа и да ги предупредат граѓаните, наведува таа, додавајќи дека како резултат на нивната неагилност граѓаните не се евакуирани и не биле предупредени дека работите ќе тргнат на лошо.

Ваквата грешка таа ја нарече „монументален пропуст на германските власти“.

Германија поплави
EPA-EFE/CONSTANTIN ZINN

Од друга страна и властите во Германија признаа дека згрешиле што навреме не ги предупредиле граѓаните за опасноста од водената стихија.

„Кога е во прашање заштитата од катастрофи во иста мерка бевме лошо подготвени како што беше случај и со пандемијата“, изјави портпаролот на владејачката Социјалдемократска партија на Германија (СПД) за здравствени прашања Карл Лаутербах.

Во изјавата за дневниот весник „Рајнише Пост“ тој изјави дека Германија мора подобро да се подготви за вакци случаи зошто во иднина ќе има „и повеќе пандемии и повеќе катастрофи“ како оваа што минатата недела ја погоди Германија.

Невреме Германија/Фото: EPA-EFE/SASCHA STEINBACH

Властите во Германија се најдоа и на удар на опозицијата па така политичарот од Либерално демократската партија (ФДП) Михаел Теирер зборуваше за „целосен колапс на системот за предупредување“ и укажа на тоа дека германските власти со денови пред обилните дождови не предупредиле на можноста од излевање на реките од коритата.

„Навременото предупредување од метеролозите не им се пренесени на граѓаните и тука затаија и властите и јавниот медиумски сервис“, Теирер.

Министерството за внатрешни работи на сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија, една од двете најпогодени провинции од поплавите, призна дека уште минатиот понеделник, два дена пред поплавите, дознало дека се спрема „екстремно невреме“ над погодената област.

Шефот на Федералната канцеларија за цивилна заштита и помош од катастрофи, Армин Шустер, се бранеше од критики и тврдеше дека „инфраструктурата за тревога“ функционира на ниво на комуникација меѓу федералните и локалните власти.

„Издадовме над 200 предупредувања преку нашите апликации и медиумите“, рече Шустер.

Тој истовремено рече дека не е можно прецизно да се каже каде може да се излеат реките.

Шустер повика на повторно воведување на мрежа од сирени мрежа во системот за тревога, што исто така ќе работи во случај кога, како што беше случај минатата недела, да се расипат мобилните телекомуникациски мрежи.

Досега во поплавите кои ги погодија западните делови од Европа загинаа најмалку 189 луѓе, а судбината на околу 170 лица се уште е непозната. Повеќе десетици илјади лица ги напуштија своите домови, а многумина се уште се без струја и пивка вода.

За властите засега е извесно дека бројот на жртвите ќе порасне и останува како предизвик да се дојде до жртвите кои се на непристапен терен до каде полицијата не може да стигне зошто водата не е повлечена, а проблем е и идентификацијата на жртвите.

Поплавите беа предизвикани од рекордни врнежи од дожд, кои најпрво погодија делови од Западна Германија, а потоа и од соседните Белгија и Холандија. Откако во саботата водостојот на реката Мас се искачи на нивоа што не се видени во последните сто години, неколку области од југот на Холандија сè уште се под евакуација. Само во градот Венлу, сместен веднаш до реката, 10. 000 луѓе мораа да ги напуштат своите домови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот