Фото: Тетово сака парк

Касами ја бара касарната за да ја пренамени во парк, a слободните површини кои „плачат“ за парк стојат запустени

Градоначалникот на Општина Тетово Биљал Касами, на денешната прес-конференција по повод една година владеење, ја повика владата, тетовската касарна да ја даде на владение на Општина Тетово, која планира да ја пренамени во модерен градски парк. Така како што рече Касами, ќе им излеземе во пресрет на тетовци, кои имаат голема потреба од ваков простор.

„Ќе ја искористам можноста да се обратам до централната власт, касарната во Тетово да биде доделена на Општина Тетово и ние ветуваме дека тој простор ќе биде градски парк. Ако конечно нема друго решение владата за тој дел на градот, а другите касарни во другите градови се дадени на општините, ние бараме и нас да ни се додели просторот каде што е касарната и ветуваме дека ќе го пренамениме во модерен и убав градски парк. И јавно ја повикуваме „Иницијативата Тетово сака парк“ дека веќе знаеме дека дел од членовите се функционери на централната власт, да ни помогнат да ни се додели касарната, со цел тетовци да имаат убав градски парк, рече Касами.

Касами овој одговор го даде откако „Слободен печат“ го праша дали општината планира да ги уреди слободните површини, лоцирани околу поранешниот спортски центар и градската сала, кои се запустени и обраснати со трева, а кои можат без никакви процедури да се пренаменат во парк, оти и припаѓаат на Општина Тетово. Но како и многу пати досега локалните власти не дадоа конкретен одговор. Освен барањето до владата да им биде доделена касарната, Касами кусо одговори дека во план се тие простори да се уредат.

Од „Иницијативата Тетово сака парк“ велат дека потребата од парк е од јавен интерес, како и безбедноста на градот, која ја гарантира тетовската касарна. Јавниот интерес треба да се штити, да имаме повеќе зелен простор, но ние сме целосно убедени дека зградите кои се градат, се со амин на општината и тоа е исклучиво од приватен интерес.

„Ние како Иницијатива се уште ја чекаме средбата со градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами, која уредно ја побаравме. Побаравме средба во која ќе учествуваат стручни лица од нашата иницијатива, кадешто ќе се разговара за начините на реализација на првиот вистински парк, таму каде што му е местото, во последниот неизграден простор“, велат од „Иницијативата Тетово сака парк“

Засега „Иницијативата Тетово сака парк„ нема добиено позитивен одговор од градските власти на барањето локациите на поранешните фабрики „Монопол“ „Шик Јелак“ како и просторот околу „Жена паркот“ и поранешниот „Спортски центар“ да се пренамени во градски парк.

Во Тетово од година вгодина просторот се узурпира и бетонизира од дивоградби, но и од легални објекти кои никнуваат на мали простори, каде имаше и малку зеленило. Граѓаните и еколошките организации реагираа, но властите ништо не преземаат.

Инвеститори сечат дрвја и уништуваат зеленило, а последниот случај беше со таканаречната „Југохромска зграда“ која имаше двор со бујна вегетација, но за неколку час ја снема, а на нејзино место веќе се гради висококатница.

Но, освен инвеститорите и општината уништува зеленило. За изградба на нови тротоари на улицата „Страшо Пинџур“ беа исечени високостеблести дрвја, а неодамна беа откорнати и дрвја и уништена зелена површина во центарот на градот, за местото да се пренамени во паркинг простор.

На прес конференцијата една година од владеење на новата градска власт, Касами се пофали дека очекува наскоро да се започне со пробивање на булеварот „Благоја Тоска“, а во преговори е со мештаните од делот на Тетово, каде треба да се пробие и булеварот „Илинденска“.

Очекува граѓаните оваа зима да немаат проблеми со водоснабдуавњето, оти како што рече нивни екипи ги констатирале слабите тички на водоводот, кај кои настануваат дефекти во зимските месеци, и содветно интервенирале и превенирале во иднина ситемот да биде стабилен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот