Кандидатурата на Силјановска Давкова поддржана од 444 делегати на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ

Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Со 444 гласа од 454 присутни делегати на денешната конвенција на ВМРО-ДПМНЕ, и официјално е потврдена кандидатурата на Гордана Силјановска Давкова за претседател на државата на претстојните претседателски избори.

Резултатот ме остави без зборови. Не очекував олку голем резултат, навистина многу ми значи довербата, од срце ви благодарам. Одговорно тврдам дека ниту еден труд, ниту членство во разни организации не ми значело толку колку можноста што ми ја дадовте вие, и тогаш и сега, да си го запознам народот. Тоа е неверојатно инспиративно, истакна Силјановска Давкова, која претходно, пред тајното гласање, пред делегатите на конвенцијата имаше свое излагање.

По објавата на резултатот од гласањето таа истакна дека пред нив стои многу работа  и затоа сите кои ќе бидат носители на некоја функција ги замоли „да стават крај на овие страшни поделби по било која основа, најмногу партиска и политичка, да се однесуваат коректно кон опозицијата без која, како што рече, нема демократија, и да градат консензус.

Јас ве уверувам дека нема да ве засрамам. Јас ве уверувам дека ќе ги мерам зборовите. Ве уверувам дека ќе градам сојузи и сојузништва, дека ќе интегрирам, а нема да дезинтегрирам зашто поделбите ја доведоа оваа држава да личи на гладијаторска арена, рече Силјановска-Давкова на конвенцијата насловена „Важно е! Лидерство што носи промени”, која попладнево се одржува во Филхармонијата.

Таа порача дека приоритети мора да бидат владеење на правото, слободите и правата на човекот, индивидуалните и малцинските права, градење пазарна економија…

Нам ни треба пристојна, нормална па дури и досадна држава. Не егзотика. Доста бевме егзотични билки за светот и за Европската Унија. Во ЕУ треба да одиме со компатибилен политички систем, а него го нема без владеење на правото, рече кандидатката за претседател на државата.

Гордана Силјановска-Давкова вторпат влегува во трката за претседател на државата откако загуби во вториот круг од изборите во 2019 година од сегашниот претседател Стево Пендаровски. Професорка е на Правниот факултет на УКИМ, независен пратеник во Собранието и дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во актуелниот парламентарен состав.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот