Кандидатите за градоначалници фрлени во сенка – партиските шефови ја презедоа кампањата

Кампањата за локалните избори доби национална димензија – лидерите ги презедоа микрофоните, а кандидатите останаа неми сведоци во сопствените општини.

Иако кампањата за локалните избори започна пред само неколку дена, првичните впечатоци во јавноста се дека таа добива повеќе национална отколку локална димензија. Наместо да доминираат локалните теми, во фокусот на вниманието се најдоа партиските лидери и нивните пораки.

Политичките набљудувачи оценуваат дека досегашниот тек на кампањата покажува како вниманието, наместо кон кандидатите за градоначалници, е насочено кон лидерите на најголемите политички партии.

Во јавниот дискурс најчесто се истакнуваат настапите на Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ, Венко Филипче од СДСМ, Али Ахмети од ДУИ, Димитар Апасиев од Левица…

Според аналитичарите, меѓусебните препукувања меѓу лидерите често го засенуваат просторот наменет за кандидатите на терен, кои прилично анемично се обидуваат да допрат до гласачите со свои конкретни програми. Наместо разговор за инфраструктура, јавен превоз или за изнаоѓање урбанистички решенија, сè почесто се зборува за пошироки политички теми – за меѓупартиски односи, за европскиот пат, за идентитетот…

Експертите потсетуваат дека оваа појава не е нова за македонската политичка сцена. Се смета дека силно централизираниот систем, во кој партиските штабови имаат главна улога во водењето на кампањите, природно го концентрира вниманието околу лидерите. Во таков контекст, изборите на локално ниво често се доживуваат како тест за политичката сила на најголемите партии, а не како натпревар на идеи меѓу кандидатите.

„Политичка неписменост и политичка некултура“. Вака поранешниот претседател на Собранието Тито Петковски во разговор за „Слободен печат“ го коментира досегашниот тек на кампањата за локалните избори во која, сосема неприродно, главниот збор го имаат лидерите на политичките партии.

– Очигледно ништо не се променило од првите локални избори што се одржаа во Македонија. Сè е политика. И тоа најдиректно допира до ушите и до срцата на гласачите. Етничкиот дискурс и надворешната политика постојано се користат иако немаат апсолутно никаква допирна точка со локалните избори. Ни се случува наметнување на извршната власт врз парламентарната власт, односно врз законодавната. Има тотална потценетост на општините, односно нивна целосна релативизација. Дали се сеќавате на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски и на министерот Панче Тошковски веднаш по страшната трагедија во Кочани? По сите обвинувања кои беа упатени на адреса на Владата, тие рекоа дека власта ќе ја докаже поддршката од народот на претстојните локални избори. Дури и тогаш двајцата политичари се однесуваа како да се кандидати за градоначалници – ни изјави Петковски.

Тој вели дека големите политички партии многу добро знаат дека народот гласа за политички субјект, а не за конкретно име и презиме.

– И магаре да ставите на изборното ливче, гласачите ќе се обидат да утврдат од која политичка партија е тоа магаре и на крајот ќе му дадат глас. Ете така функционираат работите кај нас. За жал, гласачите не ги интересира кој е кандидатот за градоначалник и чие име стои во советничката листа, туку ги интересира која политичка партија стои зад тие имиња. Тоа е катастрофа. Не постои предизборна кампања, туку само политичка пропаганда – објаснува Петковски.

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, пак, смета дека станува збор за стратегија на политичките партии со цел да се дефокусира јавноста од реалните локални проблеми.

– Како воопшто да не постои локална политика во Македонија. Политичките партии се толку многу претворени во султан-партии и тоа повеќе никој не може да го сокрие. Партиските лидери очигледно имаат непресушна желба за внимание и сакаат да ја присвојат сета слава само за себе, наместо да се обидат да ја дисперзираат со локалните политичари. Совршено гледаме дека влијанието на најголемиот дел кандидати за градоначалници од поголемите партии е еднакво на нула и дека тие стојат таму пред камерите само како декор. Станува збор за добро развиена стратегија на делување – објаснува Пекевски за „Слободен печат“.

Според него, излезноста на претстојните локални избори ќе биде многу ниска и независните кандидати ќе имаат многу добар резултат.

– Нема баш сите независни кандидати да имаат којзнае каков резултат, но сметам дека нов градоначалник на Центар ќе биде кандидатот на независните. Генерациите се променија и на помладите апсолутно не им е гајле за ВМРО-ДПМНЕ или за СДСМ, туку искрено сакаат да живеат во подобра средина. Сметам дека СДСМ е веќе полумртва партија, а веднаш по локалните избори ќе започне и падот на ВМРО-ДПМНЕ – вели Пекевски.

Изборната кампања почна во понеделникот, а ќе трае до 17 октомври на полноќ. Потоа следува 24-часовен молк, пред гласањето на 19 октомври. Вториот круг ќе се одржи на 2 ноември.

Локалните избори 2025 се осми од независноста на државата, а четврти на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. Ќе се гласа на 3.480 избирачки места за 309 кандидати за градоначалници и 576 кандидатски листи за членови на општинските совети или за вкупно 10 490 кандидати.

На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи односно независни кандидатури. Најмногу кандидати за градоначалници има за Градот Скопје – 16.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот