Книшка „Добредојде дома“ што се доделува заедно со сертификатот за канадско државјанство - Фотографија Профимедија

Канада драстично ја затвора портата за доселеници

Во 2025 година Канада ќе даде само 395.000 нови дозволи за постојано жителство, што е за дури 90.000 помалку отколку во претходната година

Канада значително ќе ги намалува квотите за прием на нови доселеници, што се толкува како последица на притисокот од јавноста врз владата на Џастин Трудо една година пред изборите.

Во 2025 година Канада ќе даде само 395.000 нови дозволи за постојано жителство, што е за дури 90.000 помалку отколку во претходната година. Границата ќе продолжи да се спушта на 380.000 дозволи во 2026 година и на 365.000 во 2027 година.

Од в година се намалува и бројот на дозволи за привремен престој, на 300.000 од 330.000 во оваа година.

Канада ја смета за национална гордост отвореноста за прием на дојденци од целиот свет, но во изминатите неколку години зачестија критиките дека приливот на имигрантите и зголеменото население има негативно влијание врз пазарот и цената на домовите. Нови анкети покажуваат дека мнозинството Канаѓани сметаат дека примаат премногу мигранти, што се одразува врз политиките на главните партии спроти парламентарните избори идниот октомври.

Граѓански активисти ги критикуваа најавените промени, опишувајќи ги како „најсилен удар врз правата на мигрантите во историјата на Канада“.

– Намалувањето на бројот на дозволи за престој е директен удар врз мигрантите, кои ќе бидат принудени да останат привремено, па дури и нелегално во Канада, поради што ќе мораат да прифаќаат работни места на кои ќе бидат експлоатирани – оцени Сајед Хасан, претставник на Секретаријатот на мрежата за мигрантски права.

Пред само неколку години, во период што се поклопи со пандемијата на ковид-19, Канада го зголеми бројот на дозволи за престој за да ги задоволи потребите од работна сила на пазарот на труд. Планот лани беше да се одобрат 500.000 нови дозволи за престој и за 2025 и за 2026 година, но во август министерот за дојденци Марк Милер изјави дека „Канаѓаните не сакаат систем што не е под контрола“.

Откако анкетите почнаа да покажуваат дека владејачките либерали на премиерот Џастин Трудо ја губат довербата и дека би ги загубиле изборите ако се одржат сега, властите го заострија односот кон миграцијата и ја популаризираа политиката. Премиерот Трудо трпи уште поголем притисок, бидејќи против него се кренаа и некои либерални пратеници.

Една година пред изборите, владата вети дека за три години ќе го намали учеството на жителите со привремен престој на помалку од 5 отсто од вкупното население. Во април годинава учеството беше 6,8 отсто. Ограничен е бројот на визи за престој на студенти од странство, а заострени се условите за издавање визи за квалификувани работници од струките што се дефицитарни на канадскиот пазар на труд.

Според државната агенција за статистика, во Канада во последниот квартал од оваа година има околу 2,8 милиони жители со дозвола за привремен престој. Во оваа категорија се вклучени и работници и студенти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!