Квинтет „Македонисимо“

Камерниот оркестар „Ајга“ ќе ја изведе македонската премиера на оркестарската верзија на „Македонисимо“ на Симон Трпчески и пријателите

Две концертни вечери ќе го означат почетокот на првото издание на „Скопје интернационален музички фестивал“, што го организира Камерниот оркестар „Ајга“. На 31 март и 1 април во големата сала на Македонската филхармонија ќе биде изведена македонската премиера на оркестарската верзија на проектот „Македонисимо“ на Симон Трпчески и пријателите.

По исклучително успешната светска оркестарска премиера на проектот „Македонисимо“ минатата година во најпрестижната концертна сала во светот, „Музикферајн“ во Виена, заедно со оркестарот „Тонкунстлер“ од Австрија под диригентската палка на нивниот шеф-диригент Маестро Јутака Садо, македонскиот Камерен оркестар „Ајга“ во соработка со „КултурОп“ за првпат ќе ја изведе оркестарската верзија на проектот во Македонија, и на Балканот, воопшто.

Оркестарската верзија на „Македонисимо“ базира врз транскрипции на македонската традиционална музика од композиторот Панде Шахов, во соработка со врвниот пијанист Симон Трпчески.

Овојпат, финесите на филигрански осмислениот и изведен проект, во оркестарското концертно исчитување нудат уште повозвишен приказ на богатството на македонската музичка традиција.

Светска оркестарска премиера на „Македонисимо“ во виенскиот „Музикферајн“ минатата година / Фото: КултурОп

За тоа, на сцената на Македонската филхармонија ќе се погрижи Квинтетот „Македонисимо“ во состав: Симон Трпчески на пијано, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал, Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело и Влатко Нушев на удиралки, кои ќе настапат заедно со Камерниот оркестар „Ајга“ под диригентската палка на Ана Спасовска.

Специјални гости на вечерта ќе бидат Владимир Крстев на виолина, Александар Димитров и Паскал Краповски на виолончело.

Два концерта се одржуваат поради преголемиот интерес за првично најавениот концерт на 1 април, а вториот концерт е закажан ден порано со оглед на програмскиот распоред на учесниците и достапноста на големата сцена на Македонската филхармонија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 224, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30-31.3.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!