Александар Камбовски - претседател на судски совет / Фото: Драган Митрески / Слободен печат

Камбовски: Независното судство е основа за владеење на правото, оставките не се реформа

Независното судство е основа за да има владеење на правото во државата порача претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, по судиската конференција „Зајакнување на судската независност и одговорност преку поголема ефикасност на постапките“, што се одржа денеска организирана од Здружението на судии на РСМ со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Според Камбовски оставките не се реформа во судството, тој вели дека реформа се прави со промена на закон.

„Оставки не се реформа. Судскиот совет е целосно променет сега. Така го замислил Судскиот совет уставодворецот да немаме се едни исти членови. Ако сакаме реформа, тогаш се прави со промена на закон, со намалување на мандат, а само со персонални промени нема ништо. Која е гаранцијата дека новите судии ќе придонесат за подобрување на судството“, вели Камбовски и додаде дека не можеме да зборуваме за независно судство ако тоа е зависно од властите.

Тој додаде дека треба да се промени начинот на кој се правеле тие реформи во минатото, да се промени матрицата на размислување и конечно судството да ја добие својата финансиска независност која му припаѓа согласно закон и устав.

Претседателот на Здружението на судии, Иван Џолев пак повика на единство и соочување со реалните предизвици во системот.

„Сите судии се соочуваат со истите ограничувања – од недостаток на човечки ресурси, преку нефункционалност на одредени државни служби, до проблеми со пренатрупаност во притворите. Токму несреќата во Кочани треба да биде аларм – потсетник дека мора да постапуваме поефикасно, особено во предистражните и истражните постапки“, рече Џолев.

Додаде дека судиите треба активно да се вклучат во најавените законски измени бидејќи, како што посочи, токму судиите ги знаат проблемите за нивно извршување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот