Калајџиев: Недемократска е заканата на Џафери кривично да се гони Милошоски

Професор Гордан Калајџиев

Несоодветна и недемократска е заканата на претседателот на Собранието Талат Џафери преку органи на прогон да повикува да се решава политичка битка и функционирање на Собранието, смета Гордан Калајџиев, проферсор-кривичар на Правен факултет „Јустинијан Први“, откако Џафери во интервју на Сител повика институциите да го штитат Уставот за да може Собранието непречено да работи, алудирајќи на одбивањето на пратеникот Антонијо Милошоски да ја свика комисијата за  надворешни работи за избор на амбасадори.

-Несооодветна е заканата на претседателот на Собранието. Ова е повеќе политичка борба и несоодветно е да се решава  со органи на прогон како МВР или обвинителство. Интервенција на органи на принуда за функционирање на Собрането е недемократски чин. Ултимативно дејствување во Собранието ни како закана не е прифатливо. Не ценам дали дејствувањето на претседателот на комисијата е оправдано или не, но решенијата треба да се бараат во парламентот, а не преку органите на прогон – вели Калајџиев.

Професорот додава дека треба да се цени која е политичката одговорност за злоупотреба на функцијата и тоа да се разреши во рамките на Собранието. Интересно е дека Калајџиев и самиот сакал според членот 353 од Кривичниот законик, на кој сега се повикува претседателот на Собранието, да го тужи токму Џафери, но поради несоодветноста оти станува збор за Законодавен дом се премислил.

-Јас пред некоја година бев многу изнервиран и сакав да покренам кривична постапка против претседателт на Собранието, но се премислив бидејќи тоа е несоодветно и недемократски. Џафери три години не сакаше да одобри сметка за Телото за контрола на прислушувањето во кое јас и Цаца Николовска бевме избрани токму од парламентот, иако за неговото функционирање имаше пари. Тој одбиваше да потпише да се отвори сметка, за телото да може да функционира. Со тоа Џафери директно спречи да ја вршиме функцијата за која бевме избрани. Тоа е иста ситуација што сега Џафери ја вели за Милошоски. Јас и Цаца Нколовска си поднесовме оставки и никој не го бoлеше уво за тоа – вели Калајџиев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот