Фото: МИА

Каква вода „пијат“ македонските домати, пиперки, грозје…?

Според експертите, неопходно е да се преземат мерки и превентивно да се делува во однос на загадувањето на каналите за наводнување и реките, ако сакаме на трпезата да имаме здрави земјоделски производи. Земјоделството е најголемиот потрошувач на вода, а најголемиот дел од производството се добива од наводнуваните површини

Македонскиот зеленчук и овошје „пие“ релативно здрава и незагадена вода, освен во инцидентни случаи на хаварија од некој рудник или фабрика, при што во реките или вештачките езера може да дојде до испуштање на хемикалии, тврдат земјоделските стручњаци за „Слободен печат“. Според експертите, неопходно е да се преземат мерки и превентивно да се делува во однос на загадувањето на каналите за наводнување и реките, ако сакаме на трпезата да имаме здрави земјоделски производи. Земјоделството е најголемиот потрошувач на вода, а најголемиот дел од производството се добива од наводнуваните површини.

Агроекспертот Ристо Велков вели дека изметот од луѓето и животните е најхранливото ѓубре, за разлика од пената од детергентите или хемикалиите кои остануваат од производниот процес. Според него, земјоделците ја пијат водата со која ги наводнуваат своите производи, така што храната која што „излегува“ од земјата во Струмичкиот регион е незагадена.

-Водата доаѓа од бунарите и не наводнуваме од реките, а се што произведуваме и самите го јадеме. Заради високите температури и појавата на болести во нашиот крај, на отворено со години не се одгледуваат градинарски култури. Нема опасност од испуштање на човечките фекалии во водите, бидејќи луѓето бираат што јадат и тоа е најхранливото ѓубре. Најголемите штети се од испуштањето на хемикалиите од детергентите и други средства за чистење. Сепак, климатските промени имаат сериозно влијание врз македонското земјоделство, бидејќи вода има се помалку, а приносите се намалени, а сето тоа влијае на сигурноста на храната и егзистенцијата на руралното население кое зависи од земјоделството – додава Велков.

Васка Мојсовска од Националната федерација на фармери посочува дека лозјата и другите земјоделски површини во Тиквешијата се наводнуваат со чиста вода.

-Земјоделците и овоштарите се свесни дека безбедноста на храната која ја произведуваат е најважниот аспект. И ние имаме семејства и тоа што го садиме и наводнуваме го ставаме нашите трпези. И граѓаните треба да бидат сигурни во тоа што го купуваат и јадат. Затоа треба да се води сметка за системите за наводнување и да се контролираат сите фабрики кои се покрај реките за да не дојде до хаварија – додава Мојсовска.

Поранешната министерка за екологија Каја Шукова, по излевањето на опасни материјали во Крива Река, пролетоска загатна дека се што се продава на пазарите во Скопје, Куманово, Паланка Велес и другите градови, се наводнува од Вардар, Пчиња, Крива Река и другите реки од тој слив, што според неа е огромна закана за живиот свет, за бунарите, за земјоделските површини. Таа укажа и дека можеби храната која јадеме е под ризик. Слични реакции пред некоја година имаше и за зеленчукот од Полошкиот регион, каде беше забележано дека низ системите за наводнување, низ годините протекуваат отпадни и индустриски води, но досега никој не презел сериозни мерки. Проблем во овој регион се затрупаните канали за наводнување, бидејќи на него на диво се приклучуваат одводни фекални системи.

-Секундарна цел на каналот е регулирање на површинските води во случај на голем водостој, односно поплави. Но истиот за запушува со разновиден смет и најчесто при поголеми поројни дождови, водата се излева во околните ниви – рекоа тогаш од водостопанство Полог.

Почвите наводнувани со речни води се загадени со тешки метали

Според Министерството за екологија во Македонија се изградени 106 мелиоративни ситеми и околу 20 поголеми акумулации. Изградена е мрежа за наводнување од 140.000 ха, оптимално може да се наводнуваат 126.000 ха, но реално се наводнуваат разни површини во големина од 80.000 хектари. Најголем дел од површините кои се наводнуваат со води од вештачки акумулации се наоѓаат во горните текови на реките над изворите на загадување со исклучок на акумулацијата Тиквеш и Калиманци. Најзагадени (особено со тешки метали) се водите кои се искористени во рудниците (Злетово, Саса, Тораница) во флотационите процеси. Почвите наводнувани со речни води збогатени со тие ефлуенти се загадуваат со тешки метали, особено со олово и цинк.

Во Македонија земјата е блага, ама и солени делови

Површините на солените почви во нашата земја се мали, тие изнесуваат само 0,42 отсто од вкупната површина. Овие почви се образувани главно во нашите рамнински терени кои изнесуваат само 7,9 отсто, но во голем дел нема седименти со соли и нема засолени подземни води. Исклучок претставува Пелагонија поради специфичните хидрографски услови. Најмногу солени почви има во централниот и источниот дел на Македонија, т.е. во континентално-субмедитеранско подрачје кое се одликува со најизразита аридност и силно испарување, со присуство на палеогени седименти, меѓу кои има и засолени и со присуство на плитки минерализирани подземни води. Карактеристично е што 90 отсто од сите површини на солените почви се јавуваат во само 4 котлини (Струмичка, Скопска, Овче Поле и Пелагонија). Во Македонија има околу 11.000 ха под слатини и слатинести почви, детализираат од МЖСПП.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот