Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Каква програма ги скара Данела и Косана?

Во државава најубаво е да си градоначалник. Никој ништо не ти може, законски си заштитен како мечка. Данела може да си поставува и да разрешува директори, да ги повикува на одговорност, да ги држи тивки и послушни, оти таа никому не дава отчет.

Косана Мазнева, храбрата жена, жената херој, единствената што ја спаси „Комунална хигиена“ од мафијашките структури во претпријатието, нешто што не го сторил ниту еден маж во изминатите три децении, „неславно“ заврши. Ја турна од директорската фотелја токму таа која пред неколку месеци ја тапкаше по рамо и жестоко ја бранеше кога Скопје се претвори во депонија поради дводневниот штрајк на комуналците – скопската градоначалничка или како што Косана сега милува да рече „лицето Данела Арсовска“.

Грешката на Мазнева, како што сите разбравме, е тоа што додека се борела со „мафијашите“ заборавила да ја реализира програмската определба на Град Скопје. Така тврди Арсовска. Не дека градот е нечист и правлив, не, туку дека не ја остварила програмата на Градот. Само не кажа која е таа програма. Дали мисли на нејзината предизборна програма „За модерно Скопје“, од која скопјани најмногу го паметат само ветувањето за бесплатен јавен превоз? Или во прашање е некоја друга „програма“ која ги раздели довчерашните другарки.

Во онаа „За модерно Скопје“ има стотици напишани проекти, кој од кој поамбициозен. Во неа во врска со „Комунална хигиена“ е зацртано дека постојните камиони ќе се заменат со еко-возила, дека ќе се определат локации за фрлање градежен шут, па ќе се направат центри и за негова преработка и за демонтирање хаварисани возила. На сите домаќинства требаше да им се доделат корпи за отпадоци за примарна селекција на отпадот, кој потоа ќе се одлагаше на определени места и за тоа ќе се даваше паричен надомест. Во програмата стои и дека ќе има мобилна апликација и 24/7 достапен телефонски број за пријавување депонии, но и 24-часовна комунална и инспекциска служба која веднаш ќе реагира на повиците.

Навистина, така пишува во програмата на Арсовска!

Е, ако ова Мазнева не го сработила, а требало, никој не и е виновен. Бидејќи сѐ друго се реализираше, само тоа остана! Еве сега на Гоце ќе му дојде редот. Неговите шест месеци шанса да се докаже. Кој Гоце? Трајковски, новиот директор на „Комунална хигиена“ за кого Арсовска не се одважи ни основните податоци да ги каже во јавноста, да го претстави човекот. Иако тоа ништо не им менува на скопјани.

За две години градоначалничката разреши и именува еден куп луѓе, после триесеттиот сите престанаа да бројат и да паметат имиња. И ниеден од нив не ѝ се погоди! Прво директоруваа кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, ама кога пукна „љубовта“ со Христијан Мицкоски, со чија поддршка Данела дојде таму кај што е сега, таа ги разреши сите до еден. Дури едниот го обвини дека го брцкал рачето во медот, а досега не слушнавме докази дека навистина така било. Па именува директори од други партии, па свои, па пак свои, па којзнае чии… Ако ѝ е некаква сатисфакција на Мазнева, таа барем најдолго директоруваше во споредба со сите други – цели 14 месеци. Сѐ до фамозната програма.

Сега сите други директори на јавните претпријатија траат и чекаат и ним да им дојде редот. Оти ќе им дојде. Во моментов се отворени пет јавни огласи за избор на директори, во јули имаше два. На Данела и не и треба оглас кога сака некого да смени. А разрешените си молчат. Дали и овој пат Косана ќе покаже дека е најголем „маж“ меѓу мажите и вистинското објаснување за своето разрешување ќе го бара на суд?

Во државава најубаво е да си градоначалник. Никој ништо не ти може, законски си заштитен како мечка. Данела може да си поставува и да разрешува директори, да ги повикува на одговорност, да ги држи тивки и послушни, оти таа никому не дава отчет. И никој не може да ја разреши доколку сама не го посака тоа. Навистина, во Законот за локална самоуправа се вели дека градоначалникот редовно го известува Советот за извршувањето на своите надлежности, ама во случајот со актуелната градоначалничка тоа не важи. Таа ги есапи советниците само кога треба јавно да ги обвини дека го кочат развојот на градот. Инаку, ниту доаѓа на седници, ниту им одговара на прашања, ниту соработува со нив, барем за доброто на граѓаните.

На 8 ноември ќе се навршат две години откако Арсовска раководи со градот. Освен арогантност, нетранспарентност, многу кавги, обвинувања, откривање „криминали“ без реална завршница и смени на директори, ништо посебно друго не видовме. Ама скопјани се издржливи луѓе, издржаа многу, ќе издржат уште две години.

Во меѓувреме, Законот за локална самоуправа мора да претрпи измени. Кога има можност да паднат и Влада и претседател на држава, зошто само градоначалниците би биле недопирливи и без можност да се разрешат додека им трае мандатот? Ако постои таква можност, веројатно ќе бидат поодговорни кон своите граѓани и нема да изигруваат локални „шерифи“. Одговорност и отчет мора да има и за нив. Зашто, и во иднина на градот може повторнода му се погоди некој(а) како Арсовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот