
„Како се сакаа две будали“: Емотивна љубовна приказна на најубавата глумица на поранешна Југославија
„Времето тече, животот минува, годините итаат и еве ме мене, веќе некое време седам, се одморам. Мојот Гага го нема веќе една година, а јас сум веќе неколку месеци болна. Се борам. Си барам ангажман, нешто сработувам, телефонот звони често, излегувам во пресрет на луѓето колку што можам…Со терапевтот правам вежби кои ми се неопходни, гладам ТВ како никогаш досега, се гледам само со најблиските. Важно е да се работи, работи, работи…Сеќавања, сеќавања…“, напиша една година по смртта на својата најголема љубов југословенската глумица Милена Дравиќ.
Препорачано
Поради својот професионален углед и големите улоги на филмското платно, Милена Дравиќ беше исклучително почитувана и ценета во целиот свет, токму како и нејзината најголема љубов, Драган Николиќ – Гага. Не е ни чудо со оглед на тоа што и двајцата живееа за филмот во вистинска смисла на зборот.
За шармантната глумица и легенда на југолсовенскиот филм најмногу зборуваа нејзините дела, речиси стотина филмови во кои глумела, кои ѝ овозможиле да биде ѕвезда на странските фестивали, на чии црвени теписи чекореле само најсјајните ѕвезди на филмот.
Најубавата глумица на поранешна Југославија, како што често ја нарекуваа, се дружеше со Алфред Хичкок, Џек Никлсон, Џон Ленон, Јоко Оно и многу други, а сепак, сите нејзини актерски остварувања и импресивниот кариерен пат не предизвикаа толку „љубомора“ и чудење како нејзината љубов со која ја делеше работата, животот и среќата повеќе од четири децении.
Се запознале во 1969. на снимањето на филмот „Хороскоп“ на Бора Драшковиќ. Милена дотогаш веќе имала два брака зад себе, со режисерите Пуриш Ѓорѓевиќ и Воислав Кокан Ракоњац, и веќе била ѕвезда во Југославија.
Драган Николиќ пак, тогаш бил на почеток на кариерата.

Се венчале на паузата на снимање на драмата „Како се сакаа две будали“ на Душко Радовиќ.
„Ја снимавме во Звездарска шума драмата на Душко Радовиќ „Како се сакаа две будали“. Кога завршивме кај матичарот и станавме брачен пар, отидовме на ручек. Потоа се вративме во Опсерваторијата на Звездара и продолживме да снимаме како ништо да не се случило. Немаме дури ни фотографија од венчавката“, рекла своевремено Милена.
„Веќе не се сеќавам како ја запросив. Веројатно тоа било нешто во два-три збора, зашто не сакам многу да зборувал“, рекол Драган во едно интервју, во кое одговара и на прашањето зашто немале деца:
„Сметам дека тоа што немаме деца е голем недостаток, не мана, ама едноставно е така. Тоа ни дава шанса сите деца да ги гледаме како свои. Ние ја имаме нашата мала внука Ива. Таа ни го надокнади сето она што ние го немавме и околу неа се врти целиот наш свет“.

Иако Драган, баш како и Милена, често не зборувал за нивниот брак, дал до знаење дека борбата е тоа што ги одржала заедно.
„Имаше многу нешта на почетокот. И вљубеност, и кавги, и уште поубави смирувања. Но кога се луѓето јавни личности, тогаш тоа има и друга димензија. Милена и јас живееме брзо и бурно, затоа и немам претстава дека толку време поминало и дека сме повеќе од 40 години во брак. Милена и јас сме најголеми и најстроги критичари еден на друг, и во работата, и во животот. Човек мора искрено да го каже тоа што го мисли и чувствува, зашто и кавгата може да донесе нешто добро. За брак што трае четири децении може да се најдат повеќе причини да се прекине, отколку да опстане. Но најлесно е нешто да се пресече, многу е потешко да се борите за бракот да се сочува. Понекогаш и мала кавга може да го освежи денот“, рекол Драган.

И во болеста со која Драган се борел дури две години, неговата Милена цврсто стоела покрај него, зашто на крајот, се имале само еден со друг. Четири децении љубов, разбирање…
А филмот? Баш како што филмот го живееле, на филмот сè му оставиле. Целиот имот на Милена Дравиќ и Драган Николиќ останал на Кинотеката, најголемата љубов покрај онаа која ја чувствувале еден за друг.