
Како лубеницата стана симбол на палестинските протести?
Лубениците се многу чести на Блискиот Исток. Но, лубеницата го должи своето политичко значење на своите бои: кората е зелена и бела, месото е црвено, семките се црни – точно боите што се наоѓаат на палестинското знаме, пишува DW- пренесе Н1.
Препорачано
„Не ни беше дозволено да сликаме во црвена, зелена, црна и бела боја. Палестинското знаме беше забрането, а со него и боите на палестинското знаме“, објаснува палестинскиот уметник Сулејман Мансур.
А потоа, во осумдесеттите години, еден израелски офицер влезе во неговата галерија во Рамала, каде што беа присутни неколку уметници.
Се обидуваше да нè убеди да не се занимаваме со политичка уметност: „Зошто не сликате цвеќиња, убави цвеќиња или гола?“ „Дури и ќе купам нешто, знаете“, изјави Мансур за Ал Џезира.
Потоа издаде наредба дека не смеат да организираат изложба ниту на Западниот Брег ниту во Појасот Газа без претходна дозвола од администрацијата за цензура.
„А ако насликам цвет, но во тие бои, што ќе правите?“, праша некој. Одговорот на израелскиот офицер беше јасен: таква слика исто така ќе биде конфискувана. „Дури и ако насликате лубеница, тоа ќе биде проблематично“. Значи, според Мансур, всушност израелски војник ја дал идејата за симболот на лубеницата.
Според Палестинското академско друштво за проучување на меѓународните односи (PASSIA), знамето е дизајнирано во 1916 година од Шариф Хусеин бин Али, емирот на Мека. Во тоа време, областа што денес ја знаеме како Палестина ѝ припаѓала на Отоманската империја. Знамето станало симбол на арапското востание против Турците. Хусеин сонувал за независно арапско кралство кое ќе ги вклучува денешните палестински територии, како и Сирија, Израел, Јордан и Либан. Турците, со со помош на Британците, навистина беа поразени, но заедничкото кралство остана утопија.
До 1948 година, Палестина беше под британски мандат. По повлекувањето на Британците, симболот на арапското востание повторно беше земен – овој пат како национално знаме на палестинската држава.
Сепак, дваесет години подоцна повторно беше забранет: во 1967 година, во Шестдневната војна, Израел ги окупираше Западниот Брег, Појасот Газа и Источен Ерусалим и ја забрани неговата употреба. Не му беше дозволено да се појавува дури ни на постери или стари фотографии. Кој и да го покажеше, сепак ризикуваше апсење.
Дури во 1993 година беше укината забраната – како дел од мировниот процес од Осло, кога Израел и Палестинците се согласија за мирен соживот и меѓусебно признавање. Знамето е прифатено како симбол на Палестинската власт, на која ѝ е доверена администрацијата на Газа и Западниот Брег.
Во јануари 2023 година, девет месеци пред терористичката организација Хамас да го нападне Израел, израелскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен Гвир, ѝ нареди на полицијата да ги отстрани палестинските знамиња од јавните места.
„Наредив знамињата што го поддржуваат тероризмот да се отстранат од јавниот простор и да се спречи поттикнување против државата Израел“, рече крајнодесничарскиот политичар.
На палестинските територии, лубеницата може да се види на ѕидовите на куќите и на маиците, на постери и во уметничките галерии.
Во меѓувреме, демонстрантите ширум светот ја користат лубеницата како политичка изјава во пропалестинските протести – неодамна по израелската инвазија на Газа што следеше по нападот на Хамас врз Израел, симболот е широко распространет и на социјалните медиуми. За да се избегне бришење на политички објави, многу корисници го заменуваат палестинското знаме со емотикон од лубеница.
На својот Инстаграм профил, Сулејман Мансур напиша на 26 октомври 2023 година, помалку од три недели по масакрот на цивилите во Израел, меѓу кои имаше многу деца:
„Овој цртеж доаѓа од книга со палестински народни приказни за деца и раскажува приказна за митско дете кое излегува од лубеница и може да зборува и да се однесува како возрасен. Се чини дека тоа не е мит; децата во Газа се принудени прерано да пораснат – возрасни кои минуваат низ пекол.“