
КАКО ЌЕ СЕ ПАТУВА ГОДИНАВА? Ковид-пасоши, такси и дозволи ќе бидат потребни за влез во ЕУ
Доколку нема промени во последен момент, многу е веројатно дека од средината на годинава освен сите други стандардни документи, за патување во земјите на ЕУ ќе биде потребна дозвола, инстант виза или такса за граѓаните од трети земји, што значи и за македонските државјани. Засега е извесно и дека пасошите за ковид ќе важат девет месеци од втората доза, а Грците воведоа, барем привремено, задолжителен ПЦР-тест.
Препорачано
Според соопштението од Брисел, европскиот систем за патување треба да профункционира од 2022 година, а патниците од повеќе од 60 земји, кои досега слободно влегувале во Шенген зоната, пред поаѓање ќе треба да поднесат барање за дозвола за патување. Тоа е практика што веќе постои во САД, Канада и во Австралија, а идејата потекнува од 2016 година. Системот во ЕУ требаше да почне да функционира минатата година, но пандемијата го одложи неговото спроведување.
Според најавата од Европската комисија, целата постапка ќе биде „лесна, брза и едноставна, ќе вклучува туристи, деловни луѓе и други патници“. Апликацијата ќе треба да содржи лични податоци, податоци за пасош, земја во која патувате, податоци за кривичното досие, доколку ги има, престој во воени зони, забрани за посети во одредени земји. Апликантите на возраст од 18 до 70 години ќе треба да платат 7 евра за услугата. За малолетниците дозволата ќе биде бесплатна, а барањето ќе го поднесат родителите. Одговор за прифаќањето на барањето, ќе биде испраќан на е-пошта. Во случај на одбивање, ќе се добие образложение, а можно е да се поднесе и жалба. Претпоставка е дека оваа дозвола би важела неколку години, а не само за еден влез во ЕУ. Овој модел за патување има за цел да го контролира движењето и да прибира податоци за влегувањето и за излегувањето од ЕУ.
Минатиот месец Европската комисија донесе и правило со кое рокот на важност на сертификатот за вакцинација е ограничен на девет месеци, односно 270 дена од целосната вакцинација. Проблем за нашите туристи би можел да биде и типот на вакцина што ја примиле. Оние што се вакцинирани со руската вакцина „Спутник“ тешко дека ќе можат да влезат во ЕУ освен ако не примиле бустер-дози од други производители што се одобрени во ЕУ. Помал проблем ќе имаат туристите вакцинирани со кинеските вакцини бидејќи Грција, Шпанија и Италија ги прифаќаат како валидни, а до почетокот на летото можно е да се приклучат и некои други земји.
Со оглед на тоа што омикрон сојот сѐ уште не си ги покажал забите, а и неизвесно е дали по него ќе следува нова мутација на вирусот, на оние што патуваат во странство поради работа или задоволство им преостанува само да се надеваат дека годинава ќе биде подобро од лани. Истото важи и за туристичките работници, кои претрпеа значителни штети во изминатите две бурни ковид-години. Во сето ова, олеснителна околност е што луѓето се навикнаа на мерките за заштита, па се поподготвени да ги почитуваат и да ги исполнат правилата што секоја земја за себе ги пропишува како услов за влез и престој.
Бројки
14,9
проценти е зголемен прометот во трговијата со платежни картички во третиот квартал од годинава во однос на истиот период лани
120
проценти се зголеми цената на метанот
200
милиони евра годишно се собираат од еколошки такси