
Како изгоре архивата на кумановскиот суд?
Како изгоре архивата на кумановскиот суд, дали и какви последици ќе има тоа за судските предмети? Колкава е материјалната штета и дали со пожарот изгоре и последниот процент на доверба што граѓаните го имаат во правосудството? На овие прашања јавноста чека одговор од истражителите кои во наредниот период ќе утврдуваат како настана пожарот во подрумските простории на кумановскиот суд, каде што е сместена архивата.
Препорачано
Се работи за огромна количина предмети, затоа што Основниот суд во Куманово е еден од најголемите судови во Македонија кој годишно решава по околу 40.000 предмети, а во подрумот е сместена целата архива откако е основан судот во 50-те години од минатииот век.
Обвинителката Теута Бедиу Рамадани информираше дека кумановското обвинителство заедно со вешти лица и кримтехника ќе ги истражуваат причините за настанување на пожарот, штом се создадат услови.
– Сè уште чади и нема услови да се изврши увид. Првично се сомневаме на електрична инсталација, но увидот ќе покаже кои се причините. Ова е постара зграда. На терен сме веднаш по добиената информација и јас и дежурниот обвинител, заедно со претставници од судот. Пожарникарите уште работат. Со екипа на СВР ќе направиме и увид, ќе повикаме и вешти лица, ако е потребно ќе повикаме и други обвинители – рече вчера Рамадани.
Пожарот избувнал околу 1 часот по полноќ, ноќта помеѓу понеделникот и вторникот, во подрумските простории на судот. Огнот беше ставен под контрола во текот на ноќта, но пожарникарите вчера цел ден го догаснуваа, затоа што одвреме-навреме пожарот повторно се активираше.

Објектот вчера не работеше, а освен кумановскиот суд, таму се сместени и Јавното обвинителство и Народниот правобранител. Судот е во строгиот центар на Куманово, во непосредна близина на полицијата и Општината, а подрачјето вчера цел ден беше обвиено во густ чад. Полицијата информираше дека нема пријави за повредени.
Претседателката на судот Снежана Манев објасни дека е зафатена просторија со стари завршени предмети.
– После увидот на полицијата ќе кажат од што настанал пожарот, дали бил подметнат или е од електрична инсталација. Проблемот е сериозен, сè уште гори. Изби во подрумските простории, каде што се наоѓа дел од архивата. Ние имаме огромна архива низ целиот суд, овде е само дел – рече вчера Манев за медиумите.
Пожарникарски камиони и вчера цел ден беа околу зградата на судот. Според пожарникарите, запалени простории што се полни со хартија тешко се гаснат. Потребно е време за целосна ликвидација затоа што огнот во длабоката хартија тлее и повторно се разгорува.

На терен вчера се сменија повеќе пожарникарски екипи. Командирот на смена Борис Станковски изјави за мдиумите дека причините допрва ќе се утврдуваат, како и направената материјална штета. Тој рече дека пожарот е пријавен во 1.40 часот и во интервенцијата се смениле три екипи со единаесет пожарникари и четири возила. Првата екипа пристигнала за пет минути.
– Просторијата што е зафатена е полна со архива. Над архивите има инсталација од цевки наменета за парно и вода, но тие се обложени со заштитна гума и таа дополнително прави проблем, бидејќи е зафатена од пожарот. Проблем е и непристапниот терен од лева и десна страна. Сѐ е полно со книги и имаме проблем за да влеземе повеќе луѓе – изјави Станковски.
Претседателката на судот Манев изјави дека според нејзините првични информации се работи за една до две зафатени простории. Според неа, во пожќарот немало опасност од експлозии, затоа што оружјата од архивата биле навреме предадени.
– Може има некои куршуми, но тие се малку и се на другата страна. Нема опасност од запаливи работи – рече Манев.
Одговарајќи на новинарски прашања дека јавноста се сомнева за причините за пожари кога се работи за вакви институции, таа рече дека во моментот не може да прецизира, но се сомнева на проблеми со инсталацијата за електрична енергија.
– Штом се обезбедат услови, експертите ќе кажат што е причината. Кога ќе завршат ќе кажеме – рече Манев.
Додава дека последниве години делумно се средени архивските предмети, кои сепак се во огромен број.

Судот беше реконструиран во 2000 и во 2018 година, а Обвинителството беше реконструирано пред неколку години.
Вчера во Куманово отидоа и експерти за криминалистички и технички испитувања и вештачења, кои, како што изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, ќе испитуваат зошто изби пожарот.
– Во моментот не може да кажеме што точно е зафатено од пожарот бидејќи според најновите информации сè уште трае гаснењето. Ние ги активиравме сите служби. Заминаа и началници и раководители од Одделот за криминалистички и технички испитувања и вештачења од Скопје за да може да се направи увид и да видиме кои се причините и што точно е зафатено со пожарот – рече Спасовски.
Од опозицијата вчера изразија сомнежи во врска со причините за пожарот. Прашан за коментар за пожарот портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски рече дека пожарите и поплавите во институциите се знак дека власта се подготвува за заминување.
– Власта се подготвува да замине и веројатно смета дека ќе успее да се сокрие криминалот. Секој криминал, индиции за криминал, но и наводни несреќи и индиции за наводни несреќи и пожари и поплави по смената на власта ќе бидат детално истражени. Одговорност ќе има – рече Стоилковски.
Пратеникот Антонио Милошоски на социјалните мрежи напиша дека за „изгорената судска архива во кумановскиот суд најверојатно пак кабелот ќе биде крив“.