Како „испливаа“ 6-месечните извештаи за Онкологија, за кои Министерството за здравство тврдело дека „ги нема“?

Министерството за здравство во времето кога го водеше Фатмир Меџити, до Јавното обвинителство Скопје во истрагата за случајот Онкологија доставило допис во кој навеле дека „не постојат шестмесечни извештаи кои што Клиниката за онкологија по закон требало да ги испраќа до Министерството за здравство, а во кои стојат информации за приходи и расходи за потрошени буџети“, иако тие извештаи постојат и постоеле години наназад, дознава „Слободен печат“.

Потоа екс-министерот за здравство Венко Филипче бил повикан во Обвинителството да објаснува зошто ги нема извештаите од времето кога бил министер, но успеал да ги обезбеди на изненадување на обвинителката што го води предметот и која првпат ги видела од него. Тоа е причината за вчерашното несогласување и серија прес-конференции меѓу Филипче и ВМРО-ДПМНЕ. Откако Филипче ги набавил извештаите преку пријателски врски, тој му ги доставил на Обвинителството од кое на прес-конференција побара да анализира зошто досега биле криени. Извештаите се законска обврска на Клиниката за онкологија, која секои 6 месеци до Министерството за здравство требало да испраќа таксативно приходи и расходи за потрошена терапија. Филипче јавно праша дали намерата е тој да биде вовлечен во предметот.

-Пратеничката Рашела Мизрахи тврди дека немало такви извештаи од Клиниката кон Министерството, дека немало стручна контрола од стручните комисии и сите изминати месеци, а особено сега кога е актуелен проблемот со терапијата на Клиниката за онкологија се води брутална негативна кампања против мене. Благодарение на искрените и чесни вработени во Министерството за здравство кои што знаат што сум направил и за пациентите и за сите вработени во здравствениот сектор, до мене ги пратија извештаите за кои бев клеветен дека ги немало. Сега ќе ги покажам, сите извештаи заверени електронски дури и во најтешките ковид-времиња, кога ниеден онколошки пациент не беше оставен без терапија. Сакам да ги покажам тие документи на јавноста, за сите години од мојот мандат од 2017 до 2022 година. Еве ги сите стручни комисии по области согласно експертизата на лекарите што работат на Клиниката за онкологија. Рашела Мизрахи и Фатмир Меџити да одговорат дали, како, зошто овие извештаи биле криени? Дали е точно дека на барање на истражните органи овие извештаи не им биле доставени? Директно ги прашувам дали намерно се криеле извештаите за да ме вовлечат и обвинат во скандалот?, праша екс-министерот за здравство и сегашен претседател на СДСМ.

Пратеничката Мизрахи пак на прес-конференција го обвини Филипче дека довел до тоа да не се почитуваат 60 одредби од здравствените закони во времето додека бил министер за здравство.

-Тоа се шеесетина дејствија со директно влијание по животите на пациентите.  Господине Филипче, извештаите од институциите доставени до Министерството за здравство во периоди од 6 месеци се согласно член 110 од Законот за здравствена заштита и се доставуваат од директорот на установите. Стручните комисии господине Филипче ги формира министерот и немаат никаква врска со шестмесечните извештаи, инаку тие се согласно членот 226-б, ако ве интересира. Да ве потсетам, господине Филипче дека согласно членот 295 надзор врз здравствените институции врши министерот и оттука следи неговата директна одговорност, рече Мизрахи. 

 

Истрагата за Клиниката за онкологија е во финална фаза, се чека на стручно онколошко вештачење од онколози во Словенија. Тие проверуваат дали терапијата што им била препишувана на пациентите кореспондира со протоколот за нејзино администрирање. Со други зборови, гледаат дали ако една терапија требало пациентот да ја добива секои 21 ден на пример, тоа навистина се случувало, или пак се вршени фиктивни излези на терапијата односно таа била препишувана на помали временски интервали.

Досега обвинителството на брифинг со новинарите го навести ова – дека наводно, првичните сознанија се дека дел од терапијата била неправилно издавана, на помали временски интервали од оние пропишани со протоколите и така се креирала излезна количина за која не е јасно дали пациентите ја примале или не. Готов е извештајот на Државниот завод за ревизија за контрола на Клиниката за онкологија за 2024 година и според информации на „Слободен печат“ истиот дошол во рацете на Арбен Таравари, меѓутоа со јавноста уште не е споделен.

И додека пациентите со рак очекуваат владата и Министерството за здравство да обезбедат биолошка терапија со донации или со навремено распишување на тендерите, откако минатата недела одеднаш снема шест биолошки лекови за нив – партиите дефокусираат од реалниот проблем со прес-конференции. Нема ни регистар на пациенти со карцином, иако нивниот број е јасно утврдлив од податоците во „Мој Термин“ каде истите се водат според шифра и дијагноза и јасно може да се види кој од нив од каков вид карцином боледува и со што се лекува.

Системско решение за постојаниот недостиг на биолошки лекови не е ни на повидок но затоа меѓупартиските „тепачки“ се високопрофилирани во јавната агенда. Онколошките пациенти преку здружението „Хема Онко“ побараа биолошките лекови итно да се стават на позитивната листа на лекови, но власта не ги слушна.

Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „360 степени“ изјави дека владата не сака да продолжи по принципот „како до сега“ и обвини веледрогерија дека била „омилена на претходната власт“. Но, нејасно останува зошто актуелната власт, една година откако на Онкологија не се земаат никакви лекови на реверс, не успеала навремено да спроведе тендер, да испланира број на лица на кои им е потребна биолошка терапија, па сега пациентите се на немилост.

Веледрогеријата „Пановски“ која беше нападната како „омилена на СДСМ“ всушност е добавувач на лекови и сега, кога на власт е ВМРО-ДПМНЕ, а причината е во тоа што таа соработува со светска компанија што ги произведува овие лекови. „Пановски“ е добавувач на лекови во македонското здравство со децении. Мицкоски е свесен дека и во иднина ќе има такви договори со „Пановски“ за набавка на терапија за државните болници, но вели дека реверсите не се законски. Законски е навремено да се спроведуваат тендери и да се опслужуваат пациентите со терапија, што во случајов не е направено од страна на власта и не е јасно објаснето – зошто.

-И претпоставувам во иднина ќе има такви договори. Затоа што таа веледогерија соработува со светска компанија која е производител на дел од тие лекови коишто се аплицираат на пациентите. И природно е во иднина истата веледрогерија, се додека соработува со таа светска компанија, да не го кажувам името, станува збор за една од врвните пет компании во светот, кога ќе има јавни набавки, претпоставувам, да се јавува и да добива, но разликата е што сега повеќе нема реверси. Разликата е што сега има јасна контрола на вијалите кои се аплицираат – каде, колку и на кои пациенти се аплицираат, рече тој во интервју за „360 степени“

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот