
Како и кога се роди најпознатата македонска детска новогодишна песна „Елко, елко“?
Познатата детска песна „Елко, елко“ првпат е испеана од детскиот хор кој во 50-тите години од минатиот век функционирал во Македонската радио-телевизија. Автори на познатите стихови и мелодија се писателот, поет и драмски автор Србо Ивановски и композиторот Тодор Скаловски
Познатите стихови „Елко, елко, порасни уште две-три педи за да може Дедо Мраз дарови да реди“ ги знае секој што поминал барем една зима во Македонија. Таа е една од омилените песни во овој период од годината. Стиховите и мелодијата ги потпевнуваат и стари и млади, кога се кити елката, кога се чека Дедо Мраз во градинките и во училишта. Многумина песната ги навраќа во детството, им буди прекрасни спомени за топлината на домот и на семејството.
Препорачано
Инспирирани од новогодишната атмосфера, решивме да дознаеме кој ја создал оваа песна, дали таа долго време постои и дали децата одамна ја пеат?
Се јавивме кај музичари, анектиравме граѓани, но никој не знаеше кои се луѓето што ја создале прекрасната мелодија и стиховите што одекнуваат од детските грла во овој период од годината. Добивме различни одговори, од тоа дека не знаат, дека е народно творештво, или пак, дека е странска песна. Сепак, по неколкудневно истражување, дознавме дека автори на ова ремек-дело се познатот писател, поет и драмски автор Србо Ивановски и познатиот композитор Тодор Скаловски. Двајцата пријатели ја создале нумерата во Радио Скопје, некаде во 50-тите години на минатиот век.
Не му кажал на синот дека ја компонирал
Она што веднаш ни стана јасно е дека станува збор за скромни луѓе, кои не биле свесни што создале. Покојниот Скаловски дури и заборавил на својот син, професорот Денко Скаловски да му се пофали дека тој ја создал мелодијата за „Елко елко“.
– Бев прво или трето одделение кога дознав дека татко ми е автор на таа песна. Ја пеев со моите другарчиња, а не бев свесен за тоа. Татко ми беше толку многу ангажиран во своето творештво и посветен на Македонија, што не стигна тоа да ми го каже сè до основно училиште. За жал, никогаш не ми ја раскажа приказната за тоа како се родила песната – вели Скаловски, кој е професор на Институтот за родови студии на Филозофкиот факултет.
Ова е веројатно така зашто Ивановски и Скаловски во тоа време, а и многу години подоцна, не биле свесни што создале, па сметале дека нема зошто толку да раскажуваат и да се фалат со таа песна.
– Мислевме дека не сме направиле ништо посебно. И денес не можам да сфатам колку стана позната „Елко елко“ – ни рече Ивановски, со кого се сретнавме во кафуле. Кога го седнавме до елката за да го фотографираме, се шегуваше дека му недостигаат уште брада и црвена облека за да биде Дедо Мраз. Но, тој заедно со Скаловски, е и Дедо Мраз бидејќи на дечињата им ја подари најубавата новогодишна песна.
За жал, Ивановски не можеше да се сети на детали околу создавањето на овој детски евергрин, но вели дека е родена во 1952 или 1954 и дека прво е напишан текстот. Потоа Скаловски ја создал мелодијата.
– Со Скаловски работевме во Радио Скопје и многу се дружевме. Секој ден се среќававме со другите новинари во клубот во радиото и тука разговаравме за музиката. Се појави интерес да се направи песна за децата, за Нова година, за елката. Постојат многу песни за Коледе, за други празници, но не и за новогодишните. „Елко, елко“ е направена по нарачка“ – раскажува Ивановски.
Испеана од детски хор
Инспирација за стиховите на Ивановски му биле елката, моментите поминати со ќерките Анета, Ирена и сопругата за новогодишните празици.
– Ова е песна за децата, создадена за нив и затоа душата ми се полни кога гледам колку ја сакаат. Се сеќавам дека текстот воопшто немаше доработка, одлично се вклопи со музиката на Скаловски. Бидејќи во тоа време најчесто пишував во радиото, веројатно таму сум го напишал и текстот – вели тој.
И професорот Скаловски е горд што неговиот татко создал ваква песна.
– „Елко, елко“ е навистина прекрасна песна. Иако се работи за детска нумера, воопшто не е едноставна, ниту во мелодиската линија, ниту во текстот. Навистина се гордеам со ова творештво на татко ми и секогаш ќе се гордеам со него – ни рече професорот Скаловски.
„Елко, елко“ е првпат испеана од детскиот хор кој во 50-тите години на минатиот век функционирал во Македонската радиотелевизија. За жал, Ивановски не поседува снимка.
– Ја испеа детскиот хор, а дали потоа уште некој друг го направи тоа, не знам. Имаше снимки, но по земјотресот многу нешта исчезнаа, па претпоставувам и таа снимка. Мојата сопруга, која работеше во многу градинки, ми раскажуваше дека децата ја пеат. На почетокот не доживеа толку голем успех, надвор помеѓу народот. Изгледа поинаку се чекаше новата година, елката немаше значење како денеска. Тоа е оној период пред доаѓањето на телевизијата во Македонија. Некаде кон крајот на 80-тите почнав да ја слушам нашата песна и меѓу народот. Сите деца одеднаш ја знаеја – се смее Ивановски.
Со Скаловски многупати се среќавале и размислувале да создадат уште детски песни, но Ивановски сметал дека еднаш совршено направена работа не може да се повтори. Во песната се споменува и Снежана, а писателот раскажува дека во текстот сакал да вметне лик кој децата одлично го познаваат.
– Сите зборови што се употребени во песната се за работи за кои сум разговарал со моите деца додека беа мали и додека ја китевме елката. Драго ми е што ја слушам, што ја сакаат и моите внуци, деца и сите во Македонија. Не е важно што малкумина знаат кој ја создал, битно е дека и нашите деца имаат новогодишна песна – вели Ивановски.
Денес има многу преработки на оваа песна, а своевремено актуелна беше онаа на сега покојниот маестро Зоран Џорлев.
Во моментот кога е направено интервјуто со сега покојниот писател, поет и драмски автор Србо Ивановски, тој имал 82 години и сѐ уште бил активен во книжевноста и постојано творел, а тогаш од печат излегла и „Желките од рајската градина“. Како што рекол за „Дневник“, уживал во новогодишните празници со своето семејство. Со своите внуци пред елката, секоја година, како и многу семејства во Македонија, пеел: „Среде соба високо, елката ни стои и ја красат играчки во илјада бои. Елко, елко…“